Штипскиот Фонд за здравствено осигрување почна да работи со скратено работно време – ММС
ММС

Објавено на: 06/15/20 10:11 AM

Штипскиот Фонд за здравствено осигрување почна да работи со скратено работно време

Се нормализира работата во подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување во Штип, откако минатата недела зградата во којашто е сместен беше затворена, бидејќи и кај нив имаше еден позитивен случај на Ковид-19, двајца беа во самоизолација.

Еден кат погоре во подрачната единица на Фондот за пензиско и иналидско осигурување беа регистрирани седум позитивни на коронавирус, а неколку вработени заминаа во самоизолација.

Раководителката на подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување, Емилија Ефремова за МИА вели дека од денеска почнуваа со скратено работно време до 14.00 часот, а вработените ќе ротираат.

– Ги повикуваме земјоделците од штипско-карбинскиот регион да дојдат во подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување и да ги подигнат декларациите за плаќање на придонеси за здравствено осигурување. Досега оваа обврска ја имаат исполнето половина од регистрираните земјоделци, вели Ефремова.

Во Фондот за здравствено осигурување-Штип вработени се 25 лица, Ефремова појаснува дека уште од почетокот на пандемијата е направена реорганизација во просториите, со странките се работи на еден шалтер. Вработените задолжително носат маски и се држи социјалната дистанца од над два метра.

Поминати се деновите во самоизолација за двајцата вработени, но од превентивни причини деновиве ќе останат дома, додека лицето кое е заразено со коронавирусот е во добра здравствена состојба и се лекува во домашни услови.

Вработените во подрчната единица на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се уште немаат почнато со работа, во оваа институција покрај седумте позитивни случаи имаат и неколку лица во самоизолација. Откако деновиве ќе им заврши период на самоизолација ќе следуваат инструкциите како да почнат со работа со странките.

MИА