Деркоски: Не планирам да свикам седница на ДИК без решение за нов датум за избори од претседателот на Собранието – ММС
ММС

Објавено на: 06/14/20 5:30 PM

Деркоски: Не планирам да свикам седница на ДИК без решение за нов датум за избори од претседателот на Собранието

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски смета дека нема причина за закажување на седница на ДИК заради фактот, што според него, за да продолжи целиот изборен процес треба прво претседателот на Собранието Талат Џафери да донесе решение со нов датум за избори.

За МИА вели дека ниту кажал дека денеска ќе свика седница, ниту, пак, планира да го направи тоа додека не добие решение од претседателот на Собранието.

-Без да го добиеме тоа решение не гледам причина за седница. Тоа е според Изборниот законик. Од денеска сме во редовна состојба во државата и важи Изборниот законик, а не некои уредби што ги донесе Владата за време на вонредната состојба. Четворицата членови на ДИК од СДСМ и БЕСА ми пуштија пред два часа барање за свикување на седница. Согласно деловникот имаат право да побараат, меѓутоа во барањето се повикуваат на уредбите, а според мене и според многумина во државата  и експертска и друга јавност и Уставниот суд уредбите важат само додека трае вонредната состојба. Немам рок за одговор, но ќе им одговорам дали ќе закажам или не седница. Им оставам сами да одлучат како ќе постапуваат, а јас нема да учествувам во незаконити дејствија, изјави Деркоски за МИА.

За да ДИК работи легитимно и легално, нагласи, и треба решение од претседателот на Собрание кое е првиот основен столб во Изборниот законик како се организираат избори.

-Претседателот на Собрението со решение го закажува датумот кога и да е, тоа мене не ме интересира кога ќе биде, битно е  да има решение врз основа на кое ние после тоа планираме рокови и го носиме роковникот за избори. Без тој прв чекор не може да се организираат избори. Вториот основен чекор во Изборниот законик е избирачкиот список без кој, исто така, ако не е заклучен, потврден, прочистен комплетно согласно Методологијата за избирачки список донесена во февруари 2016 година од претходната ДИК не може  да се зборува дека одите на легитимни избори, потенцира Дерковски.

Членот на ДИК Борис Кондарко за МИА потврди дека доставиле барање за одржување седница на ДИК и посочи дека ставот на претседателот на ДИК Деркоски е негово лично толкување на законот.

-Ние во ДИК не сме Уставен суд и мораме да го применуваме законот, а не да судиме дали нешто важи или не важи. Тоа не е наша работа. Тоа е личен став на Деркоски, рече Кондарко за МИА.

Прашан дали може да одржат седница без претседателот Деркоски, Кондарко посочи дека според деловникот не можат, затоа што единствено претседателот свикува  и раководи со седницата.

-Ние дадовме иницијатива да се свика седница со мнозинство членови, а тој е должен да ја свика. Ние не можеме сами да се свикаме во отсуство на претседателот тоа може да го направи само потпретседателот. Член на ДИК не можа да свика ни да раководи со седница, ниту да предложи дневен ред. Претседателот има рок да одговори на иницијативата за свикување на седница зашто има Уредба по која ден по завршување на вонредната состојба ДИК мора да донесе ревидиран роковник за да продолжат изборните дејствија. Рокот произлегува од тоа, потенцира Кондарко.

Прашан за следните чекори што планират да ги преземат четворицата членови  на ДИК кои покренаа иницијатива за свикување седница, Кондарко посочи дека постапиле согласно правата и можностите што им ги дава законот и деловникот.

-Останатото е на претседателот кој ги има овластувањата за негово постапување, нагласи Кондарко.

Засега нема одговор од претседателот на Собранието Џафери дали ќе потпише ново решени за избори. Тој се уште не се изјаснува.