Рестартирањето на Ла Лига и не можеше подобро да започне со дербито помеѓу Севиља и Бетис. Недостатокот на публика на трибините беше евидентен, но разгласот од звучниците на стадионот барем накратко ги натера играчите да заборават дека во моментот никој не ги гледа од седиштата на „Рамон Санчез Писхуан“.
Севиља беше подобра во текот на сите 90 минути, се чинеше дека тимот на Бетис се уште не е во целосен меч-финтес. Првото полувреме и покрај иницијативата на домаќините заврши без голови, за да на стартот од второто Севиља конечно ја разбие добраната на зелено-белите и постигне гол за водство. Лукас Окампос, можеби и најдобриот поединец на Севиља сезонава, го отвори резултатот од пенал во 56 минута, откако Марк Бартра се послужи со лактот при позиционирањето во својот шеснаесетник и го фаулираше Де Јонг.
Шест минути подоцна Севиља го зголеми водството со голот на Бразилецот, Фернандо. Ефективната асистенција со „пета“ на Окампос, со глава ја реализираше Фернандо и практично ги обезбеди трите бода за неговиот тим. До крајот на натпреварот Бетис преку младиот Мексиканец, Лаинез, се обидуваше да се врати во игра, но на семафорот на крајот стоеше истиот резултат. Севиља со оваа победа се искачи на третата позиција на табелата, со четири бода предност пред четвртопласираниот Реал Сосиедад и еден натпревар повеќе.
Возбудувањата во Ла Лига продолжуаат и вечерва, на програмата ќе се најдат два меча. Гранада го пречекува Гетафе и Валенсија се соочува со градскиот ривал Леванте на „Местаља“.