Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против актерката Силвија Стојановска и нејзиниот сопруг за шверц на кокаин од Колумбија во Шпанија. Тие беа уапсени пред шест месеци во рамките на меѓународната операција „Колибри“ заедно со уште три лица во Шпанија, а Обвинителството бара да ѝ се продолжи куќниот притвор. Стојановска и нејзиниот сопруг се осомничени за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
„Во текот на истрагата Обвинителството утврди дека во периодот од јули 2019 година до 18.12.2019 година обвинетите, заедно со тројцата обвинети во Шпанија, од кои едниот е македонски државјанин, брат на првообвинетиот, како и повеќе лица, зеле учество во неовластено купување, пренесување и продавање кокаин во вкупна количина од 698.758,1 грама. Обвинетите подготовувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување на кокаинот од Колумбија до Мадрид, Шпанија, и барале купувачи на неа“, соопшти Обвинителството.
За да не бидат откриени во нивните постојани активности, обвинетите меѓусебно комуницирале со користење енкрочат-телефонски мобилни уреди, како и енкрочат-мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање евентуална полициска инсталација и на дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки – инхибитор (ПРОТЕЦТ 1207и).
„Имајќи ги предвид видот, тежината и висината на можната казна, мотивите, начинот на кој е извршено кривичното дело, особено фактот што стореното кривично дело се карактеризира со особена тежина осликана со добра организација и долготрајна подготовка на секое дејство, добро развиените врски со криминалните структури надвор од територијата на државава, Обвинителството заедно со обвинителниот акт му предложи на судот да ја продолжи мерката притвор за првообвинетиот и мерката куќен притвор за второобвинетата“, соопштија од Обвинителството.
Ивор: Досие.мк