Нема вонредна состојба, Заев и Мицкоски да се договорат за датум за избори – ММС
ММС

Објавено на: 06/12/20 11:22 AM

Нема вонредна состојба, Заев и Мицкоски да се договорат за датум за избори

Претседателот Стево Пендаровски објави дека нема да има продолжување на вонредната состојба. Според него, вонредната состојба не зависи од бројот на заболени од ковид 19. Мерките полициски час и карантин се дел од законска регулатива и не зависат од вонредната состојба.

-Сите вонредни состојби досега ги прогласував на барање на Владата и на сите одлуки за вонредна состојба им претходеше седница на Советот за безбедност. Познато е дека сите претходни вонредни состојби ги прогласив поради потребата Владата да управува со уредби со законска сила за справување со последиците од корона-кризата. Уставот е јасен, претседателот може и без барање на Владата да прогласи вонредна состојба, но јас сметам дека во овој момент нема потреба да прогласам вонредна состојба, изјави Пендаровски.

Претседателот ги повика лидерите на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ да седнат и да се договорат за изборите, бидејќи како што рече, избори мора да има.

-Корона висус има и ќе го има. Избори се неопходни за да добиеме функционален, место распуштен парламент и легитимна влада, место техничка влада, рече Пендаровски.

На прашањето сепак, дали може да се случи да прогласи вонредна состојба за три дена, како што бараше лидерот на СДСМ Зоран Заев, Пендаровски хипотетички не ја исклучи можноста, доколку двајцата лидери се договорат за датум на избори и има потреба од ден – два до роковите кои течат до одржување на изборите.