Родилката која при прием на Клиниката за гинекологија, а потоа и во приватната болница „Ремедика“ криеше дека член на семејство е позитивен на КОВИД-19, си заминала од Инфективната клиникa по нејзино барање. Таа по породувањето беше примена на лекување на Инфективната клиника бидејќи и самата заболела од КОВИД-19.
Од Министерствот за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека денеска родилката побарала да си замине на домашно лекување и од Клиниката ѝ е издадено отпусно писмо.
„Пациентката е стабилна, во добра здравствена состојба. На нејзино барање се испишува од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Информиран е Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Целото семејство ќе биде во изолација“, велат од Министерството за здравство.
Денеска на Клиниката за гинекологија беше украдена нејзината изјава во која потпишала дека немала контакт со позитивен на КОВИД-19. Директорката Викторија Јовановска ни изјави дека некој го украл само тој лист од нејзиното досие, дури се гледа и како тој документ е насила истрган и затоа повикала полиција за да види кој влегол без дозвола во канцелариите каде се чува медицинската документација.
„Пациентите ли да ги лекуваме или документите да ги чуваме, ни изјави директорката Јовановска која се жали дека веќе трет ден цел персонал, лекари и сестри се занимаваат со неодговорното однесување на родилката и на нејзиното семејство.
Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција апелираше граѓаните да даваат точни информации и да не ги кријат контактите.
Денеска во земјава се дијагностицирани 175 нови случаи, пет пациенти починаа.
сдк.мк