Во Јадранското Море поставени се цевки во должина од 105 километри од вкупно 878 километри од Трансјадранскиот гасовод (ТАП), преку кој природниот гас од изворот Шах Дениз 2 во Каспиското Море во Азербејџан, преку Грузија, Турција, Грција, Албанија, ќе биде транспортиран во Италија за потребите на Европа, јавува агенцијата Анадолија.
Во соопштението на ТАП се наведува дека изградбата на делот од проектот на гасоводот за соединувањето на албанскиот и италијанскиот брег започнал во јануари годинава.
Од гасоводот, што треба да помине низ Јадранското Море, каде што длабочината достигнува и до 810 метри, поставени се околу 9.000 гасоводни цевки. Компанијата „Саипем“, која е изведувач на ТАП, дневно во просек поставува цевки во должина од 1,2 километри.
Со оваа етапа од проектот ТАП завршени се 95 проценти од Трансјадранскиот гасовод, преку кој се планира првата пратка на гас да биде транспортирана за Европа кон крајот на годинава.
Гасот извлечен од изворот Шах Дениз 2 во Азербејџан наменет за Европа, транспортиран преку ТАП, на турско-грчката граница се поврза со Трансанадолскиот гасовод (ТАНАП).
ТАП, кој го формира делот од јужниот гасоводен коридор на Европа, преку Грција, Албанија и Јадранското Море идната година во Италија ќе транспортира 10 милијарди кубни метри гас.