Фестивалот на критичка култура започнува утре – ММС
ММС

Објавено на: 06/8/20 6:21 PM

Фестивалот на критичка култура започнува утре

Со утрешното (вторник, 9 јуни, 2020) предавање на светски познатиот италијански теоретичар, филозоф и активист Франко Берарди – Бифо почнува годинешново петто издание на КРИК – фестивал на критичка култура во организација на Контрапункт.

Предавањето насловено „Не можам да дишам – респираторен хаос и поезија“, ќе се одржи онлајн, од 19 до 21 часот, на Facebook страницата на  фестивалот   :   https://www.facebook.com/events/358203211808550.

Ова е прво од серијата предавања проследени со разговори кои ќе се одржуваат во текот на јуни. Станува збор за познати теоретичари: Светлана Слапшак, Џули Реше, Томислав Медак и Алфредо Саад Фиљо.

Тематските рамки на КРИК, кој ќе се одржува во текот на оваа година се обединети во насловот на ова издание на фестивалот: „Конечноста и кршливото општество – слобода, социјализам и секуларност“ – кој директно произлегува од книгата која Контрапункт ќе ја издаде во текот на јули, а која беше повеќекратно прогласувана за најрелевантна книга во сферата на политичката филозофија во 2019 година. Станува збор за „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“, од еден од најзначајните филозофи на нашето време, Мартин Хеглунд.

„ И покрај тоа што КРИК – фестивал за критичка култура е длабоко вкотвен во агората, сепак, ќе се обидеме во условите кои се зададени и понатаму да ги истражуваме заеднички формати преку кои ќе отвораме прашање и ќе се обидеме да дадеме барем некои одговори за темите ни беа зададени за овогодинешното, петто, јубилјено изданије, а кои сѐ уште ни се чинат актуелни. Ќе се фокусираме на три главни, прилично деликатни области од нашето современо политичко и идеолошко опкружување. Станува збор за области кои се клучни одредници за историјата на филозофската и политичката мисла: слободата, секуларизмот и социјализмот “, велат програмските уредници на фестивалот Искра Гешоска и Артан Садику.

КРИК – фестивал за критичка култура е платформа која ќе се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси. Програмите на КРИК се креирани за да поттикнат во јавната сфера критичка дебата, преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро кое е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми.

Мотото на КРИК и понатаму останува втемелено во размислата на Ален Бадју:

„Заедницата која се заснова врз политичка култура на критичко дејствување и соочување преку конфронтација, е заедница на слободата, на взаемноста, на храбрата пловидба кон новите хоризонти на општеството со едра придвижени од ветриштата на креативната уметничка конфронтација и на политичката имагинација.“