Наместо стравот дека ќе им го пренесат корона вирусот и нерамнодушноста кон гостите, кои дојдоа претежно од подрачјата каде имаше карантин, сепак на крајот дојранчани задоволно ги испратија посетителите за продолжениот духовденски викенд, кои по слободна процена ги имаше околу 10.000, рече дојранскиот градоначалник Анго Ангов.
– -За разлика од првиот ден, кога се регистрираше максимално непочитување кон мерките за заштита од страна на гостите, поради што моравме да апелираме и да побараме асистенција од полицијата и редарите, во саботата и недела се подигна свеста кај гостите за користење на мерките за заштита од ширење на корона вирусот по што се успокои и локалното население, нагласи Ангов.
Тој посочи дека на гостите, кои максимално ги испочитувале нивните апели да се придржуваат до мерките и препораките за заштита од Ковид-19, бесплатно им биле делени заштитни маски од страна на редарските служби и им било сугерирано да не се групираат.
– -Духовденскиот продолжен викенд, кој почна со страв на месното население од можно ширење на корона вирусот, сепак заврши во најдобар ред по заслуга на гостите кои покажаа дека знаат да се грижат за сопственото и здравјето на другите, за што им изразувам благодарност, рече градоначалникот Ангов.
МИА