И по ракот има живот, само не си истата личност- Македонка и Мисрете ја победија болеста и порачуваат: „Никогаш не губете надеж!“ – ММС
ММС

Објавено на: 06/8/20 7:47 AM

И по ракот има живот, само не си истата личност- Македонка и Мисрете ја победија болеста и порачуваат: „Никогаш не губете надеж!“

Животот по дознавањето на дијагнозата канцер целосно се менува. Ракот е болест која може да ја излечите со многу трпение, истрајност и љубов. И по ракот има живот, но во него не сте истата личност од порано. Вака за mms.mk ја почнуваат својата приказна за борбата против болеста која може и да не боли, Македонка Икономова Давчева и Мисрете Едипи.  За предизвиците кои им ги донел ракот на дојка, со овие две храбри жени разговаравме по повод Меѓународниот ден на преживеаните од канцер, што се одбележува секоја прва недела од јуни, а овојпат светот го одбележуваше вчера (седми јуни).

Две недели откако ги дувнала свеќите на својата роденденска торта по повод педесеттиот роденден и еден ден пред Меѓународниот ден на жената, велешанката Македонка Икономова Давчева ја дознала болната вистина дека боледува од канцер на дојка. За неа тоа е ден кој никогаш нема да го заборави и после кој, како што вели самата, ништо повеќе не е исто. Оттогаш се поминати три години. Операцијата и хемотерапиите веќе се зад неа, но се сеќава на моментите кога сѐ уште се наоѓала на почетокот од трнливиот пат.

„Тогаш немате емоции, едноставно се заледувате и нема солзи. Како тие зборови поврзани со ракот да се упатени кон некој друг. Мојата ќерка беше доволно возрасна за да знае каква е таа болест  и одлучив да и’ ја кажам вистината без заобиколувње. Тогаш на моето девојче му ветив дека мама нема да се предаде и дека сето тоа  јас таа и татко и’ заеднички ќе го поминеме“, изјави Икономова Давчева.

Со поддршка на своето семејство со болеста се изборила и нашата друга соговорничка, Мисрете Едипи. Иако статистиките велат дека ракот на дојка најмногу ги погодува жените над 40 години, оваа жена е пример за тоа дека границите се поместуваат. Дијагнозата ја дознала на триесет и три години и за разлика од Икономова Давчева, таа не можела да зборува толку отворено со своите деца бидејќи биле многу мали, дотолку повеќе што непосредно пред да дознае за болеста, ја доела својата помала ќерка.

„Јас мислам дека такви моменти мозокот одбива да регистрира. Не си сосема свесен што ти се случува. Во моментот кога ми кажаа бев во шок, светот ми се руши. Тие емоции никогаш не би била способна да ги кажам со зборови. Страв, голем страв, шок, тага, илјада мисли ми го преплавија телото. Мојата фамилија ми беше најголема поддршка, им го соппштив тоа на ист начин како ми беше соопштено.  Јас не бев себична, мене уште ми беше жал за нив, затоа што знаев дека тие ќе се чуствуват исто како и јас, дури се плашев дека нема да го издржат тоа. Но баш наспротив тие ми дадоа сила и ме вратија во живот“, вели Едипи.

Овие две жени од кои болеста направила блиски пријателки се едногласни дека на децата треба да им се каже вистината, или барем дел од неа колку што дозволува нивната возраст.

„Па и мајките се плашат. Ќерка ми тоа го знаеше и пред дијагнозата. Денес децата се поинакви отколку кога ние сме биле деца. Јас и мојата ќерка негуваме другарски однос, научивме дека и добро и лошо ќе делиме заедно, без разлика кому му припаѓа тој проблем, дали е мој, нејзин или на тато“, вели Икономова Давчева.

„Децата ми беа мали, се научија со мислата дека мама е болна, дека некое време беше во болница и дека ќе се врати дома здрава и ќе помине се’. Најтешкото нешто за една мајка е да го сокрие стравот и тагата и да се прави силна пред децата. Понекогаш и да сакаш не можеш. Мама е ок да плаче понекогаш нели? Па сите ние сме ги виделе мајките како плачат понекогаш“, се сеќава низ солзи Едипи, иако сега се труди да има што посреќни моменти:

„Карциномот ми беше нулта стадиум и кога дознав, тој ден ми беше многу среќен. Не знев ништо за стадиумите, но знаев што значи нула. Таа нула ми даваше надеж, ми го тргна стравот, емоцците ми беа измешани, но конечно можев да заспијам после две недели. Препишано ми беше само хормонска терапија која продолжувам да ја примам до ден денес. Животот продолжува да тече, но јас не сум истата личност, го гледам животот од друга перспектива и го ценам секој миг.  Сфатив дека најбитното нешто е здравјето и дека се’ друго е секундарно. Се сакам себеси повеќе и имам повеќе инспирација и самодоверба да направам некои работи.  Секојдневно се соочувам со страв да не пренесувам негативност во животот на моите деца, но енергијата која ја добивам од нив ме прави силна и ми дава инспирација да продолжувам да се справувам со секој предизвик што го носи животот“.

„Протагонистките“ од оваа приказна меѓу онколошките пациенти се познати по иницијативата за создавање на групата Љубов сме-Jemi dashuri, која веќе две ипол години постои на социјалната мрежа Фејсбук. Додека се прават напори за регистрација на здружение, оваа група е поле на многу информации и искуства кои им помагаат на луѓето со канцер.

„Ништо повеќе не е исто, живеам поинаков живот. Ако претходно имав најмалку време за себе, сега е обратно. Времето е само мое, го живеам секој ден како да е последен. Кога ќе дојдете до крајот на тунелот и ќе ја видите светлината, верувајте дека никогаш веќе нема да посакате темнина во вашиот живот. Јас сум администратор на неформалната група Љубов сме-Jemi dashuri, каде членуваат жени со кои делиме иста судбина“, вели Икономова Давчева која објаснува што значи во текот на борбата до вас да имате некој што ја доживеал истата мака:

„Кога го поминував циклусот хемтерапии јас не бев сама. Со мене беше мажот ми, детето, мајка ми…Моите сакани беа со мене, но во тие моменти никој не може да те разбере како некој низ чии вени течела хемотерапија. Така дојдов до идејата за формирање на групата. Од нејзините членови црпам енергија, тоа ми дава сила, но за волјата за живот секако придонесуваат и брат ми и внуците“.

Македонка Икономова Давчева беше дел од говорниците на минатогодишната трибина на оваа тема, на која присуствуваа докторите и психолозите од Клиниката за онкологија, како и министерот Филипче

Преку разговорот за mms.mk Икномова Давчева и Едипи упатија порака до сите кои од неодамна се соочуваат со рак:

„Секогаш има светло на крајот на тунелот, само треба да посакате да го видите. Треба да имате многу љубов во себе и да научите за ја поделите. Авторот Харуки Мураками има една изрека која вели кога ќе излезете од бурата, нема да бидете иста личност како претходно. Точно за тоа е самата бура. Некои нешта во животот се неизбежни. Мора да се научиме да живееме со сите бури што ни ги носи животот, но најважно е да се научиме да ги цениме најмалите нешто што сме ги испуштиле порано. Вреди секој миг . Позитивноста е најголемото оружје. Нема секогаш да бидеме среќни, но најбитното нешто е да научиме да ги гледаме работите од друга перспектива, да веруваме дека ќе успееме и да се бориме. Секогаш, до крај!“.

По повод вчерашниот Светски ден на преживеаните од канцер, групата Љубов сме-Jemi dashuri испрати отворено писмо до јавноста честитајќи им на сите кои го победиле ракот и помогнале да се внесе надеж во животот на оние кои во моментот се борат да се справат со предизвиците што ги „раѓа“ едно малигно заболување.

Иако во здравствениот систем се’ уште постојат предизвици на кои надлежните треба да работат, направени се сериозни чекори во подобрувањето на третманот на пациентите. Воведени се нови и бесплатни терапии на Клиниката за онкологија во Скопје, а жените со рак на дојка добиваат бесплатни протези и ортопедски градници. Од минатата година, Министерството за труд и социјална политика воведе и паричен надоместок на основ – ампутација на дојка. Испратено е и барање до Министерството за здравство за бесплатни перики како и за ракавици за лимфодем, што би значело финансиско олеснување за пациентите и нивните семејства. За жал, хемотерапиите се уште може да се примаат само во Скопје и во Битола, што создава дополнителни финансиски импликации кај пациентите што не се од овие градови. За време на актуелната пандемија поради коронавирусот сепак,  таблетарната и супкутаната терапија од главниот град почна да се дисперзира не само во Битола, туку и во Штип и Тетово – се наведува во писмото.

Преку писмото, оние кои веќе ја победиле болеста апелираат дека ракот може да се преживее и животот да продолжи нормално! Пораката од оваа група до сите кои се соочуваат со канцер е да не губат надеж бидејќи медицинските третмани се покажуваат како се’ поефективни.

Вања Мицевска