Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски денеска преку видео обраќање оцени дека состојбата со КОВИД-19 е драматична, а според него, лоши се и параметрите во економијата.
– Огромниот број на заразени потврдува дека работите излегуваат од контрола и секој обид за релативизирање на работите е штетен и претставува потценување на заразата. А, потценување на вирусот подразбира дека тој ќе продолжи да се шири. Секоја наша препорака ја игнорираа, и затоа најлошо се справуваме со вирусот споредено со соседството, вели Мицковски, додавајќи дека се опасни тезите оти вирусот слабее.
Обвини дека за околу 25 проценти има потфрлање во наплатата на даноците од планираните, а само во мај за повеќе од три милијарди денари.
– На почетокот на годината изработен е план и динамика за наплата даноците и тогаш Управата за јавни приходи во првите 5 месеци почнувајќи од 1 јануари, а завршувајќи со 31 мај испланирала дека ќе наплати речиси 38,5 милијарди денари, а каква е реализацијата. Реализацијата за истиот период од 1 јануари до 31 мај или во првите 5 месеци од годината УЈП успеало да наплати нешто повеќе од 29 милијарди денари или реализацијата од планот е некаде околу 75 проценти. Што значи дека потфрлањето од почетниот план кој што го планирала УЈП на почетокот на годината е цели 25 проценти, а не како што тоа го кажуваше ресорниот министер, вели Мицковски.
Кај данокот на добивка, според Мицковски, има потфрлање за 45 проценти, кај персоналниот данок за околу 25 проценти и кај данокот на додадена вредност за повеќе од 47 проценти.
Индикатори кои покажуваат дека економијата не оди во добра насока, според Мицковски, се и падот на индустриското производство во април за 33,5 проценти, полнењето на буџетот во првите пет месеци од годинава, слабата реализација на капиталните инвестиции и дефицитот кој во првите пет месеци од годинава изнесува 307 милиони евра.