Главниот штаб на Владата го прифати барањето за забрана за работа доставено од Општина Штип за забрана за издавање дозволи за време на викенд за фабриките од текстилната и кожарската индустрија на подрачјето на општината Штип, односно сите да останат затворени.
Со ова, официјално се забранува работа во текот на овој викенд (од 5 до 7 мај) за сите текстилни фабрики. За оваа одлука се информирани инспекторатите, а најстрого ќе бидат казнувани сите кои ќе ги повикаат луѓето на работа.
Во текот на викендот единствено до текстилните фабрики ќе бидат транспортирани лица за кои е креиран упат од доктор за тестирање и веднаш потоа се враќаат дома. Во првиот ден треба да се тестираат 200, а в сабота и в недела уште 230 вработени.
Оценето е дека во моменти на целосено затворање за градот и забрана за движење во текот на продолжениот викенд за сите граѓани, недозволиво е во текстилната и кожарската индустрија да се работи, токму таму каде што во моментот има поголем број случаи на заразени граѓани.
Претходно се одржа состанок на Општински штаб за заштита и спасување во проширен состав, на кој присутни беа претставници од СВР-Штип, ЈЗУ Здравствен дом „Панче Караѓозов“, ДСЗИ, АРМ, директорот на Клиничката болница, претставник од конфекционерите, претставник од „Гласен текстилец“, а на состанокот присуствуваше и заменик-претседателот на Владата и координатор на општинските штабови, Бујар Османи. На него беа донесени повеќе заклучоци во врска со функционирањето на општината во актуелните услови.
Објавено на: 06/5/20 12:02 PM