Хоти ја презеде должноста премиер на Косово, Курти не се појави на церемонијата – ММС
ММС

Објавено на: 06/5/20 7:52 AM

Хоти ја презеде должноста премиер на Косово, Курти не се појави на церемонијата

Новиот премиер на Косово Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) вчера ја презеде должноста, но неговиот претходник Албин Курти не се појави на церемонијата одржана во зградата на Владата, јавува агенција Анадолија.

Хоти, кој е избран завчера на вонредна седница на Собранието на Косово, дочекан е со црвен ќилим и воена гарда, а должноста му ја предаде секретарот Фитим Касниќи, иако според протоколот тоа требаше да го направи досегашниот премиер Курти.

Веднаш е одржана и првата седница на новиот владин кабинет на која премиерот Хоти им честиташе на министрите на изборот, изјавувајќи дека ги чекаат големи предизвици во работата.

„Ќе работиме заедно на реализација на владината програма со сите партнери на оваа коалиција, одговарајќи на пратениците на Собранието на Косово, власта и опозицијата, воспоставувајќи нов дискурс на политичката сцена во земјата. Тоа е амбициозна програма околу која се договоривме во последните недели. Јас верувам во таа програма. Верувам во овој сјаен тим”, рече Хоти.

Новиот премиер нагласи дека освен борбата против пандемијата на Ковид-19 и економското опоравување, ги чека работа на јакнење на владеењето на правото, преземање на уставна основа за водење дијалог помеѓу Косово и Србија и решавање на потребите во образованието и здравството.

Првиот дел од должноста, премиерот Хоти оддаде почит на гробот на поранешниот претседател на Косово и долгогодишниот лидер на ЛДК Ибрахим Ругова и во Меморијалниот комплекс „Адем Јашари” во Преказ.

Новата Влада на Косово има 4 вицепремиери и 16 министерства, едно повеќе во однос на досегашната Влада.

За Владата на Авдулах Хоти гласаа 61 пратеник, против беа 24 и еден воздржан. За избор на Владата беше потребно просто мнозинство гласови или 61 глас од вкупно 120 пратеници во Собранието на Косово.

Во владејачката коалиција покрај Демократски сојуз на Косово и Алијансата за иднина на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај се и Социјалдемократската иницијатива за Косово (Нисма) на Фатмир Лимај, Српска листа и дел дел од партиите на останатите немнозински заедници.

Во новата Влада не е Движењето „Самоопределување”, на досегашниот премиер Албин Курти. Таа партија е со став дека било која Влада без изборниот победник не може да има легитимитет, иако Уставниот суд на Косово одлучи дека е уставно именувањето на Хоти за мандатар.

Владата на Курти падна на 25 март откако Собранието изгласа недоверба на оваа Влада, ба барање на коалицискиот партнер Демократски сојуз на Косово, поради несогласување во рамките на коалицијата.