Чудо, невидена сензација: Хрватските медиуми изненадени од преоѓањето на Златко Хорват од „Загреб“ во скопски „Металург“ – ММС
ММС

Објавено на: 06/5/20 7:43 AM

Чудо, невидена сензација: Хрватските медиуми изненадени од преоѓањето на Златко Хорват од „Загреб“ во скопски „Металург“

„Многумина не веруваат дека ова е вистина“ („Вечерњи лист“), „Сеназација во редовите на хрватскиот првак“ („Слободна Далмација“), „Славниот капитен и репрезентативец по 20 години го напушта Загреб („Јутарњи лист“)… Ова се само дел од насловите во хрватските медиуми по вчерашната сензационална вест дека хрватскиот ракометен репрезентативец и капитен на „Загреб“, најтрофејниот хрватски ракометен клуб, го напушта клубот во кој е од почетокот на кариерата, и заминува во Македонија, во скопски „Металург“.

„Многу ракометни стручњаци не веруваат во оваа вест. Сите се чудат. Златко Хорват (36), по 26 години поминати во ’ППД Загреб’ заминува. Клубот му нудеше договор од уште една година, со можност и за продолжување, а по завршувањето на кариерата и вработување како шеф на младинската школа на клубот. Но, одлучи првпат да замине во странство. Во скопски ’Металург’. Хорват од голем клуб замина во, сепак, многу помал, кој сега не игра во Лигата на шампиони, а ни во Европската лига. Ќе имаше смисла ако отидеше во ’Металург’ кога тренер на тој клуб беше Лино Червар и клубот стигнуваше до четвртфиналето на Лигата на шампиони. Кој би рекол дека славниот тандем хрватски десни крила од многу големи натпреварувања, Иван Чупиќ и Златко Хорват, своите кариери ќе ги завршат во Македонија. Чупиќ му остана верен на ’Вардар’ и сега со Хорват ќе води битка во македонското првенство“, пишува „Вечерњи“.

Хрватот Лино Червар, некогашен шеф на стручниот штаб на „Металург“, оценува дека скопскиот клуб сигурно нашол сериозен спонзор штом се одлучил на ваков потег. Инаку, Златко Хорват во 2008 година се ожени за Маја, некогашна голманка на ракометниот клуб „Трешњевка“. Имаат двајца сина и една ќерка на возраст од една до шест години.

„Скопски ’Металург’ неодамна се засили со Србите Потиќ и Рниќ, со Црногорецот Канкараш и со Бразилецот Тешеира. Македонскиот репрезентативец Гоце Георгиевски, кој исто како Хорват е десно крило, го одби и потпиша за ’Вардар’, по што во Златко Хорват ја прифати понудата“, пишува „Јутарњи“.

Македонската ракометна лига годинава ќе биде можеби најинтересна досега. На шампионскиот трофеј силно ќе јуришаат „Вардар“, „Еурофарм Пелистер“ и „Металург“, а можеби ќе има и некој ненадеен претендент.