По Британија, оксвордската вакцина против Ковид-19 ќе се тестира и на 2.000 Бразилци – ММС
ММС

Објавено на: 06/4/20 6:54 AM

По Британија, оксвордската вакцина против Ковид-19 ќе се тестира и на 2.000 Бразилци

Вакцината против Ковид-19 што ja разви Универзитетот „Оксфорд“ ќе биде тестирана во Бразил, втора земја во светот по бројот на регистрирани случаи со новиот вид коронавирус, Ковид-19, пренесува агенцијата Анадолија.

Во информацијата на бразилскиот портал „Г1“ се наведува дека 2.000 Бразилци ќе учествуваат во фазата на тестирање на вакцината што ја разви „Оксфорд“ и оти Бразил ќе биде првата земја во која ќе биде тестирана вакцината, надвор од Велика Британија.

Бразилската агенција за здравствен надзор (Anvisa), со поддршка на Министерството за здравство, под координација на Федералниот универзитет во Сао Паоло, ќе учествува во фазата на тестирање на вакцината со 2.000 доброволци, граѓани на Бразил.

Научничката Даниела Фереира, која е дел од проектот, истакна дека за да се добијат солидни резултати од тест фазата на вакцината не треба да се намалува бројот на случаи на вирусот во тоа место.

Истакнато е дека вакцината за првпат е тестирана на мајмуни во Велика Британија и дала позитивни резултати. Вакцината која започна да се тестира кај луѓето кон крајот на април дала позитивни резултати во 50 отсто од случаите, но тоа сè уште на гарантира дека вакцината е успешна.

Од Ковид-19 досега во Бразил починаа 31.199 лица, додека вирусот е дијагностициран кај 555.383 лица.