Ќе звучи грдо и претешко, но ние сме примитивна средина- Бени Шаќири ги почитува мерките, се чува од вирусот и чека музиката да се врати – ММС
ММС

Објавено на: 06/4/20 8:00 AM

Ќе звучи грдо и претешко, но ние сме примитивна средина- Бени Шаќири ги почитува мерките, се чува од вирусот и чека музиката да се врати

Последниве месеци било каков поинаков муабет да почне да се прави, на крајот се сведува на пандемија, корона вирус, зараза, маска, дистанца, здравје… Така и со рокерот Арбен Шаќири или попознат како Бени „Нон-стоп“ тргнавме да зборуваме за музиката, а разговорот ни се претвори во тоа кој колку се штити, зошто не, зошто на луѓето им е толку тешко да бидат хумани и одговорни за своето и за здравјето на другиот и како на социјалните мрежи одеднаш сите станаа лекари. Искрено, без влакна на јазикот Бени за mms.mk раскажа како се чува себе и неговите најблиски од заразата, што мисли за сезнајковците и колку му недостасува музиката..

Како се чуваше ти и како се штитеше повој период твоето семејство?

-Па ги почитував мерките кои беа воведени. Но, тоа што најмногу ми навредува интелигенција, а што е доказ дека… Не, ќе бидам отворен и искрен. Можеби ќе звучи грдо и претешко овој збор ама ние сме примитивна средина. Гледај сега- ти укажуваат дека треба редовно да мијам раце!!!  А што сум правел до сега? Не сум миел раце!? Па, се подразбира дека основната хигиена, тргнувајќи од рацете, па се понатаму е нешто што ти мора да го практикуваш. Тоа е нешто што ти не треба да ми го кажеш. Но, добро еве го кажале. И се подразбира дека се практикува. Задолжително носење маска? Морам да признам дека не сум  бил доволно  одговорен за да носам маска. Само кога џогирам. Еве трчаат на кеј и носат маска. На отворен простор се подразбира дека не се носи маска. Или е барем тешко да носиш маска и да трчаш, поради отежнато дишење.  Од друга страна доста забуна создаваат и информациите кои доаѓаат од страна. Едни информации добиваме од Министерство за здравство, како препорака за задолжително носење маска. Потоа читам СЗО, која тврди дека не е треба нон- стоп да се носи маска, дека само во одредени ситуации. Е сега, ти како граѓанин не знаеш кому да му веруваш и тоа ти создава забуна. И не ти дава за право некако правилно да расудуваш.

Ти како постапуваш, кому му веруваш?

-Па се разбира ако влегувам во маркет, каде има повеќе луѓе што се пикаат ставам маска.  Мора да ја носиш, на шалтер кога плаќаш сметки. Но, на отворено не. Прво трчам сам, не се доближувам до никој. Не влегувам во широк круг на луѓе. Се подразбира дека кафеаните се изоставени. Дури имаше и луѓе кои се собираа без потреба, но јас не. Се обидував да бидам дисциплиниран и јас и моето семејство. И Бајрам го поминав сам, односно сами во кругот на семејството. Можеби некогаш ќе направиш мала пропуст, но тоа не е страшно, или, пак, се чувствуваш сигурен со тие  луѓе. Кога го зборувам ова мислам на моите и родителите на сопругата. Ние сме биле во самоизолација, тие биле во самоизолација, па некаква претпоставка дека никој не е заразен. Што фала му на Бога до сега се виде дека е точно. Вчера на син ми му правев контрола. Качи температура и си викам никогаш не се знае. Кога ќе се изгориш на млеко и на јогурт дуваш. Но, за среќа наодите се негативни, се е како треба, само блага настинка. Стравот за здравјето е голем. Затоа генерално мора да се придржуваш кон мерките, како високо свесна личност. Инаку, зошто се овие рестриктивни мерки ако секој за себе почне да се прави доктор. И да глуми дека не верува. Не може да не веруваш, кога си свесен дека нешто се случува, нешто што е лошо по сите нас. И сега од мој аспект, јас целото тоа го правам за да бидам во рамките на нормалата. Има или нема не е мое да кажувам. Јас може субјективно можам да тврдам дека можеби целото ова е едно голема лажга, но тоа не ми дава за право да се однесувам неодговорно. Морам да ги почитувам тие мерки. Бидејќи на крајот на краиштата ако јас сум се излажал,  а се покаже де факто дека пандемијата постои, а јас не верувам во тоа, па прво и основно јас си наштетувам себе си и на моето семејство.

Тука нема простор за да глумиш мангуп. Да се правиш многу паметен. Јас не сум ниту научник, ниту инфектолог, ниту вирусолог, ниту имам право да тврдам дека не постои. Генерално нешто се случува на светско ниво, можеби ќе ни требаат години за да разбереме точно за што се работи, но сега за сега, додека постојат овие мерки јас не гледам правилен избор и правилен начин како да се спротивставам на целото ова, освен да ги почитувам мерките. Какви се, такви се. Не ми се допаѓаат ама ги почитувам. Е што сега, ќе се правиш паметен.  Прво мора да си хуман. Па која е твојата човечка одговорност. Ете, по претпоставка дека некој е заразен, не е свесен, не појавува симптоми а де факто е носител на вирусот. Тебе нема ништо да ти се случи, ете имаш зајакнат имунитет, еве нема да се случи и на некој близок во семејството, но од кај знам јас дека некој пензионер во маркет нема да заразам. Па, зошто некој да страда заради мене. Мора да си хуман и одговорен, а не да се однесуваш како ќе ти текне. А дали е ова игранка или не, си има други кои ќе го потврдат.

Кога зборуваме за одговорноста, што мислиш за оние кои постојано одат контра медицинските лица, лекари, специјалисти и се свртени кон религијата. Тука мислам на многу религиозни масовни собири како литијата во Струга, ифтар, Бајрам, каде не се почитуваа препораките..? Особено коментарите на социјалните мрежи дека Господ и Алах ќе ни помогнат, не медицинските лица?

-Ти можеш да бидеш голем верник. Ти можеш да си духовно подготвен, поткован, да веруваш во Бог или во Алах, но тоа тебе не ти дава за право да не ги почитуваш препораките. Нема да ја земам литијата како пример за да не бидам погрешно разбран. Ќе ги земам  сите оние од мојот религиозен аспект, како припадник на муслиманската вероисповед.  Значи ако големите држави како Саудиска Арабија, Турција,  Иран.., кои ги почитуваат препораките на државните власти и лекарите, да останат затворени верските објекти се додека трае пандемијата, јас никогаш не разбрав зошто луѓето кај нас не се придржуваат кон тоа. Па, тоа не ги прави ниту повеќе ниту помалку верници. Само ги прави помалку одговорни, или воопшто неодговорни.  И апсолутно сум против тоа. Мислам дека без разлика на религиското убедување човек треба да биде одговорен.На крајот на краиштата ако некој клања по пет пати на ден, или пет вакта или намаз, како што се вика, или ако некој  сака да се причести, па доволно е дома да имаш чергиче или сеџаде, како што се вика, за да клањаш. Или ако си христијанин стави си икона и кандило дома. Тебе тоа не ти го намалува верувањето во севишниот. Затоа ќе речам дека тоа е тотално неодговорно и дека во 21век е недозволиво. Со здравјето нема играње. И пак ќе речам, колку и да не се согласувам, колку и да мислам дека вирусот не постои, доволно е јас да бидам одговорен како личност, да ги почитувам правилата. Со здравјето нема играње. Се работи за човечки животи. Ете Драган Вучиќ ќе го споменам. Имам слики со него од пред година и половина. На целото загадување на воздухот јас трчам на Кеј, тој пешачи и тоа со маска. И сега види го ти тој парадокс. За човек за кој тврдиш дека внимава на своето здравје му се  случува таков пех. И после се појавуваат  муабети дека тоа не е само од Корона туку од ова или она. А бре луѓе, не сум ни јас, не сме сите толку многу потковани медицински за да тврдмиме како е.  Придржувај се до правилата, па сега Боже мој.

Ти пречи што по социјалните мрежи сите се прават доктори и експерти?

 

-На крај се виде дека социјалните мрежи се зло. Не се работи само за актуелнава ситуација со пандемијата.  Луѓето ги користат социјалните мрежи во недостиг на внимание.  Јас така гледам на тоа. Никогаш ништо не постигнале, не знаат што да прават со себе. И одеднаш почнуваат да паметуваат, слушаат рекла-казала муабети, препорачуваат некакви мерки кои се далеку од здрав разум.  Тие веројатно сакаат да бидат битни, независно дали е Фејсбук страна или некаков Твитер налог. За мене тоа е будалаштина, ако не си го почувствувал тоа на своја кожа, не можеш да збориш за нешто за кое немаш поим дека е така, туку само нагаѓаш.  Фејсбукот одамна го исклучив, Твитер налог имам само за да следам што се случува, и не се правам паметен. Особено не за теми каде не сум повикан ниту, пак, имам познавање. Тоа ни го направија социјалните мрежи, да се занимаваме со се и сешто,  и со она што го знаеме и со она што не го знаеме. Затоа што никогаш не знаеш до колкав број на луѓе можеш да допреш. Ако е тоа неконтролирано а продуктивно, можам и да го разберам ама ако не е, тоа е жив комар, не смееме да се коцкаме.

Кога го говорам ова не мислам за поделба по религии, туку дека кога станува збор за здравјето сите сме исти.

-Ма те разбирам. Вирусот не бира, не препознава религија. Дека овие се помалку или повеќе верници или помалку или повеќе заштитени. Што се Италијанците? Шпанците? Имаат по 700 починати во денот. Па нели  ги фингирале бројките, па правеле малверзации.. Јас се водам од личен пример. Одам кај лекар и правам крвни анализи на моето дете. Не ги правам јас. Ако сите можни проби на вируси и бактерии моето дете пројавува отпор на  стрептокока како да не верувам. А не можам да го тврдам спротивното, бидејќи јас не сум го правел тестот или испитувањето. Не сум лекар. Мене ми викаат така, има стрептокока и дека јас треба да му дадам антибиотик.  Готово. Нема што тука јас да се правам паметен- не бе лажат докторите, нема стрептокока. Ама тоа се кажува кога се работи за некој друг, а да се работи за тебе, тогаш ти „фуфка“ па трчаш по лекар. Де факто се работи за хипокризија, генерално кај човештвото. Сите ние се правиме паметни и е многу добро да даваме мислење за туѓа судбина и несреќа.  А ако нас ни се одбие од глава и тоа како знаеме да сме внимателни.

Тука несомнено лежи и прашањето за потребата со име и презиме да се наведат имињата на тие што починале, за да на некој начин се поверува..

-Јас навистина не сум стручно лице и не знам дали е тоа добро или лошо. Прво не знам што мене ми значи името и презимето на некој во Битола, Лабуништа, Дебар, Скопје. Па што ми значат нивните податоци кога јас не ги познавам. Ако тргнам јас да се пазам од сите, треба да побудалам. Вака е најдобро. Си носиш маска, миеш раце, се дезинфицираш, одржуваш дистанца и се ставаш во самоизолација. И точка. Нема што да се правиш паметен. Ако случајно си отишол во маркет, па некој е заразен, па тоа се залепило на маска, па… Тоа се ситници врз кои ние немаме влијание. Тоа е лото. Но, генерално она што е препорачано и од СЗО и од лекарите кај нас и од сите можни релевантни фактори, ништо друго не ти останува освен да ги почитуваш. Не да се правиш паметен- мене не ме фаќа. Пак ќе речам.  Мене може репер да ми биде само Драган Вучиќ, бидејќи го познававме сите.  Пак ќе кажам тој носеше маска години наназад и навистина  внимаваше. Јас тврдам дека и сега тој бил одговорен. Никој од  нас не е доволно обучен и учен да се меша во лекарските работи. Фактот е еден- човекот замина. Друго не е важно. Затоа моја препорака е максимално да бидеме одговорни, да држиме дистанца и да слушаме совети од релевантни фактори. Јас имам  ваков сличен пример. Во 1989 година на неважна интервенција на заб закачив хепатит Б. Немав никаков друг допир, освен забарот. Лежев во болница. Дали инструментите не биле добро дезинфицирани, не е мое да кажам. Важно е на сето внимавање јас закачив хепатит Б. Ете, Боже мој. Ама  луѓето сакаат да се прават паметни и пак е тоа недостаток на внимание. Некоја наша вродена желба, фрустрирачка, да бидеме паметни и да држиме предавања. А тоа нема врска со здрав разум. Зијан си од сите страни. Зошто? Па глуп си?  Најдобро е да се придржуваме на мерките од релевантни фактори. Ако сите се правиме  паметни, ајде да правиме свирки. Па зошто јас да седам дома. Да немам заработка, да живеам во долгови, да имам стрес дали утре ќе заработам или не. А на крајот на краиштата ништо од тоа не ми е битно. Битно ми е моето и здравјето на моето семејство и по автоматизам здравјето на околината. Затоа да не глумиме паметни.

Кога ги спомна настапите, колку ти недостасуваат?

-Премногу, навистина премногу. На моменти ми создава и тегоба. Ајде веќе кога ќе почнеме. При распадот на бивш Југославија јас дадов  12 месеци од својот живот за да служам војска. Ќе отслужам  уште една. Не ми е проблем. Ќе седам една година дома, па веројатно ќе излее да добро. Но, дека ми недостасуваат настапи тоа е голем факт. Јас не сум тип кој се слика по медиуми, не снимам спотови само за да ме има и не патам од комплекс да имам популарност, да ми бараат автограми. Тоа сум го надминал пред повеќе од 15 години. Јас само сакам да свирам во живо. Мојот начин на општење со публика е тој. Да можеш да направиш нешто за нив, да ги развеселиш, да ги насмееш, некој да си го запознае човекот или жената на својот живот на твоја свирка, да се среќни. Забавата, насмевката и љубовта тоа е добра работа, добра енергија која кружи, добра вибрација. Мојот позив е тој е сега ако тоа го немам се разбира дека ми делува фрустрирачки. Мислам дека сум жилав и ќе издржам. Свиревме во Аеродром сега за „Култура во Корона“. Супер е луѓето ти аплаудираат од балкон. Имаше убава атмосфера ама невообичаена, несекојдневна, немаш директен контакт со луѓето. Нели, големите бендови кога ги подготвуваат своите турнеи задолжително почнуваат од малку клубови. Така со ограничен број на луѓе го промовираат новиот материјал. Е мене тоа ми недостасува, јас на тоа сум се завештил, како оние кои се завештуваат да одат на Света Гора или на аџилак.   Јас сакам да свирам пред народ, бидејќи никој со сила не ти доаѓа на свирка, таму доаѓаат луѓе кои сакат да те слушаат. Затоа ми фали блискиот контакт со луѓето.

Самоизолацијата не ли ти донесе нова песна?

-Имам две ама некако тоа ми изгледа некако безпредметно. За што? Да се сликам пак?  Учествував во еден балкански проект, со пејачи од сите бивши републики. Учествував со Влатко со „Чукни во дрво“.  Не ми е проблем да снимам, туку проблемот е дали ќе допре. Друго е кога ќе свириш во живо а друго е кога ќе се сликаме дома преку телефони. Како млади мајмуни. Неприродно ми е. Не е опипливо, знае да биде фрустрирачко. Затоа кренав рачна.

Која е твојата надеж?

-Има милијарди теории на заговор на кои јас не сум поддржувач.  Јас само од едно се плашам. Да не случајно ова е некаква увертира на нешто поголемо. Можеби начинот на живеење ќе ни се претвори во нешто друго, те маска, те дистанца.. Мислам дека наредната есен и зима ќе ни покажат на што сме. Точно ќе знаеме дали ќе имаме втор бран, кој ќе не дотепа.  Искрено чувствувам блага несигурност. И затоа треба да ги почитуваме мерките, да бидеме внимателни и претпазливи…

Весна Миленковска