Судскиот случај „Рекет“ влегува во финалето, откако на денешното рочиште во Кривичниот суд одбраната на поранешната главна обвинителка во СЈО, Катица Јанева, го изнесе завршниот збор. Јанева нема сомнежи дека „Рекет“ е конструиран со идеја да се фрли сенка на други случаи кои ги водеше СЈО, а чии актери и во „Рекет“ се појавуваат како сведоци. Докази за извршено дело нема, а со тоа и образот на поранешниот столб на СЈО е чист.
„Нема ни О од обвинение“, со ова Јанева уште еднаш ги отфрли сите обвинувања велејќи дека се работи за обична клевета, со оглед на тоа дека немало ниту еден доказ за сторување на кривично дело од нејзина страна.
-Сметам дека сум невина, не сум го сторила делото. Грубо сум изманипулирана од една личност за која, доколку ја познавате неа и нејзиниот сопружник, Орце и Ана Камчеви, не би ни дозволиле да се приближат до судската зграда, а не да сведочат. Кредибилитетот нивен не може да се мери, бидејќи е под секое ниво, изјави Јанева.
Таа бизнисменот Јордан Камчев го окарактеризираше како „валкан“ и злобен играч кој мисли дека може се да направи во оваа држава и дека секого може да поткупи. Поранешната обвинителка даде до знаење дека на неговите игри и подмитувања останала имуна и дека останала доследна до работата и борбата за истерување правда. Пријателството кое го негувале било искористено, а подоцна поради тоа самата Јанева и нејзиниот пријател, исто така обвинет во „Рекет“, Бојан Јовановски, ставени биле на столбот на срамот.
-Мене ми е чист образот. Ако некој сакаше да го сруши СЈО, не му требав јас. Јас да лежам за Орце во притвор, девет месеци во привор за недокажани пари. Јас сум 55 годишна жена, произлегувам од судско семејство. Моите деца работат, јас работев и пред СЈО, заработувавме доволно. Да подигнеш обвинение без вештачење, без половина докази доставени до судот? Судија, секоја чест. Јас се срамам што сум била дел од овој процес, иако сум на клупата за обвинети. Имаме само полициски докази и белешки, никакви други. Каде се парите?, запраша уште една Јанева.
Таа изрази огромно жалење поради згаснувањето на СЈО и неможноста да се оди докрај во обид за истерување на правда. Нејзината желба била иксрена и во ниту еден момент не се поколебала да застане на страната на оние што правно ги гони. Во истовреме, Јанева упати и огромна критика кон нејзините поранешни колеги од Специјалното Јавно Обвинителство кои се откажале од неа, но и кон оние што сега се дел од Основното јавно обвинителство, алудирајќи највеќе на Вилма Русковска. За Русковска додаде дека се работи за малициозен критизер скриен зад циркуска маска. Обвинителката, според Јанева, не само што не докажала ништо во овој предмет, туку испаднало дека била свесна уште од самиот старт дека води бесдоказен предмет.
Претходно, адвокатите на обвинетата Катица Јанева, Дељо Кадиев и Ирена Фрчковска, подетално уште еднаш ги презентираа материјалните доказите во нивната одбрана. Кадиев изрази длабоки сомнежи дека случајот „Рекет“ е измислен и креиран, само со една цел – затворање на предметот „Империја“. Во тој предмет Јордан Камчев е еден од обвинетите, а адвокатот вели дека нападот секогаш е најдобра одбрана.
Вториот правен бранител, адвокатката Фрчковска, смета дека Орце Камчев, спротивно од мерката за забрана за употреба на средства на комуникација, снимал телефонски разговори. Јанева како обвинител во СЈО на 07.12.2018 доставила писмен предлог до Основниот суд, за продолжување на мерката притвор за Камчев. Тој поднел жалба до Апелационен суд во која доставил обемна медицинска документација за кардиоваскуларни проблеми и гаранција со имот за која Јанева дала писмен предлог за нејзино отфрлање како неоснована, поради хипотеките кои Камчев ги имал на имотот.
Одбраната постави прашање, како Камчев ги снимал тие разговори, делувајќи спротивно од изречената мерка за забрана за употреба на средства за комуникација. Поради ова, тие сметаат дека доставените телефонски разговори се неовластени и незаконски.
Пресудата за случајот „Рекет“ ќе биде соопштена на 18 јуни.
Давор Јосифоски