Орце Камчев е криминоген, а Зоран Милевски Кичеец е агент провокатор, со овие зборови Бојан Јовановски денеска се обрати во судницата на завршните зборови.
За обвинителката Вилма Русковска, Јовановски рече дека завршните зборови биле бледи и цитати од филмови но без докази. Во завршните зборови Боки 13 ги цитираше Достоевски и Нушиќ.
Да беше жив Бранислав Нушиќ можеше слободно да ги замени неговите дела, „Госпоѓа министерка” со „Госпоѓа обвинителка”, „Сомнително лице” со „Сомнителен сведок”, а „Ожалестено семејство” со „Ожалостена држава”. Зошто? Затоа што сите сме сведоци на еден театар во судницата за оваа постапка… Јас сум имал врска со предметите на СЈО, колку што „Ролинг стоунс“ може да отпеат песна од Гоце Арнаудов, рече Јовановски.
Јовановски обвинението го нарече лажно Луј Витон обвинение засновано само врз изјавата на Јордан Камчев.
„Камчев може дал милион евра, а може и повеќе, но не на Бојан Јовановски. Можеби и затоа не дозволивте вештачење на мојот телефон“, рече Јовановски.
Не се вештачи неговиот телефон, како што нагласи тој, бидејќи ќе се види комуникацијата и врската меѓу Сашо Мијалков и тогашниот премиер Зоран Заев. Јовановски тврди и дека чантата Луј Витон на Зоран Милевски ја немал допрено и не знае што има внатре.