Кога ќе се родиме никој не знае каков ќе ни биде патот, но кога по 20 години кариера ќе погледнеш зад себе ќе видиш колку многу си направил. Еден од тие кој направи премногу и за себе и за државата е Симон Трпчески. И намерно испуштив -светскиот пијанист, бидејќи е еден, наш и нема друг. Со него вреди да се направи километарско интервју, бидејќи од една страна е големината, а од друга- скромноста и те тераат да не можеш да запреш. И уживаш да слушаш како размислува за кариерата, животот, љубовта, семејството и татковината. И на новинарот му снемуваат зборови кога сака да ги нареди сите епитети за човек каков што е тој. Но, не е потребно премногу зборување, туку читање и уживање. Ова е Симон, од мал до завчера кога специјално за mms.mk направи слика со семејството, со сопругата Даниела и трите ангелчиња.
Сега по 20 години успешна кариера како гледате на почетоците?
Светски пијано натпревар во Лондон во 2000, со принцот Чарл
-Да бидам искрен, немам време да се навраќам на тоа во детали. Иако на овој или на оној начин буквално секојдневниот живот е испреплетен со по некоја мисла која што е врзана за почетоците. И тука би направил една поврзаност меѓу приватниот и професионалниот живот, што беше со мене случај. Таа поврзаност многу значеше во создавањето на моите музички особености, на музичката личност и на интерпретацијата, затоа што е многу блиско поврзано. Секојдневниот живот што ние го живееме е проткаен во интерпретација, едно дело на сцена, бидејќи ние даваме дел од себе кога свириме. Од една страна сигурно дека било полно со предизвици на времето. Самите почетоци, во рамките на оние можности и услови во кои јас сум можел да функционирам, кои од аспект на тоа кои се тие нормални стандардни, не луксузни услови, за функционирање на еден музичар. Сигурно дека тие услови кои јас сум ги имал не ги задоволувале тие стандарди.
Со „Македонисимо“ во Лондон
Јас сум пораснат во петочлено семејство, а на почетокот и баба ми Божана живееше со нас. Не чуваше нас дома додека родителите беа на работа. Јас сум најмалото дете во семејството, имам постари брат и сестра. Затоа велам тоа е од една страна ако се генерализираат нештата. Но, од друга страна бидејќи се е поврзано, топлината која ги обвивала тие нестандардни услови, всушност ја извојува победата и ме прави мене, ја оформува и мојата севкупна личност, не само музичката. По природа сум позитивна личност, јас повеќе би се осврнал на позитивата отколку на негативата. Иако негативата, ако може така да се каже, е чисто заради една административна информација или биографска, подобро кажано, за да се има в предвид дека низ трње се стасува и до ѕвездите. Јас тоа како моја водечка мисла го имам кажано многу пати, а го имам научено од татко ми. Така што од денешен аспект можам да бидам горд на она што сум го постигнал знаејќи ги не толку лесните почетоци па и трњето. И едноставно да сум среќен.
Колку Ви пречеше што во Македонија никој не го забележа Вашиот талент, требаше да добиете награда во Англија, па да Ве признаат и овде?
-Во природата на луѓето е некогаш да не им е пријатно за успехот на другиот. Што се разбира не е убава човечка карактеристика, но е таква. Но, јас сум прво воспитан, имам прекрасно домашно воспитување, што мислам дека е од исклучителна важност на начинот на општење на еден човек со средината. Потоа благодарејќи на целосната посвета и во тие исклучително скромни услови, во кои сум пораснал, и моите родителите кои ни овозможиле да се образуваме. Затоа секогаш сум гледал на позитивната страна. Бидејќи позитивата ја храни душата. Мене пред Англија ме знаеше одреден број луѓе, потесен круг, чисто оние кои беа во сферата на класичната музика и се разбира роднините и пријателите кои беа во голем број заради семејните односи и стилот на живеење на моите родители. Е сега, нормално дека целиот живот е борба. Само одреден број на лични пријатели на моите покажале слух на почетокот, кога било најтешко, за да помогнат колку што можат. Јас и ден денес им се заблагодарувам на тие луѓе и не сум ги заборавил, бидејќи ми помогнале. Но, не сум заборавил и на оние што не ми помогнале , но не ми ни одмогнале во мојот пат. Се работи за покомплексен однос на државата и воспоставување на критериуми и вредности, во поглед на почитување на луѓето кои значат и имаат исклучителни резултати, секој во својата сфера. Јас сум добитник на многу признанија, многу титули, се разбира дека сум почестен, но од друга страна јасно е, јавно е и очигледно е дека е тоа и повеќе од заслужено. Е сега прво треба да се воспостават вистински критериуми за вистински вредности, а потоа и да се држи во континуитет, а не само моментално признание. Ова е нешто за што треба оваа држава, од она што е останато од нејзе, да обрне внимание и да се запраша што е приоритет во почитувањето на основните вредности, како културолошки така и историски. И што е приоритет во однос на препознавањето на еден народ и држава. Се разбира, тоа е многу тесно поврзано со воспитувањето на луѓето, па со образованието, кое ги создава тие одредени сфаќања, погледи и принципи кои еден човек ги има во поглед на општеството генерално а се разбора и професијата во која твори. И од тој аспект мене ми пречи што Македонија можеше многу, многу далеку побрзо да се развие и да достигне многу други нивоа во многу сфери, место да биде заплеткана во своите дневно политички препукувања, кои никогаш не доведоа до резултат од особен интерес и успех. Што и таа неслога меѓу Македонците, го прават народот збунет, затечен, го лутат, го навредуваат. Го обезличуваат и сето ова што ние го имаме денес од моментот на осамостојување до сега е резултат на немањето една континуирана визија, која требало да се зацрта, да се потхранува и да се следи. И која да постоела, барем 40 проценти ќе се изградела Македонија досега. Ќе беше на патот кон функционирање и суштествување на една држава како што е на пример Сингапур.
Концерт во Виена
Оттаму резултатите денес се видливи зошто луѓето така реагирале, зошто немале свест, зошто не поддржувале, зошто се лутеле, зошто завидувале. Заради тоа што не се овозможило навреме на многу луѓе да им се дадат многу можности, кога тоа можело да се направи. Не велам дека се уште не може. Но, за жал многу генерации се осудени да живеат во бескрајна транзиција. Најубавите години да им поминат во надеж за нешто подобро кое во минимални проценти се случувало. Не дека не се случувало. Се случувало и дека Македонија отишла напред во одредени погледи. Меѓутоа за еден интелектуалец , кој има напредни визии, кој гледа како можат да функционираат нештата, тоа е многу бавно, бидејќи имаме само еден живот. Да имавме повеќе ова ќе ни беше само еден муабет со една убава македонска ракиичка, само ќе се насмевневме и ќе одмавневме со раката. Но, разочараноста е огромна и самите сме свесни колкав одлив на интелектуална моќ на Македонци има сите овие години и за тоа секој треба да се запраша- зошто е така. Кога не можеме, кога ќе ни текне да отидеме на едно кафе до Охрид, до лулката на културата на Македонија, без тоа да ни биде некаков замор. Зошто? Па немаме основна патна инфраструктура во толку многу години независност, што е смешно, тажно и глупаво во очите на останати земји кои знаат како треба да функционираат. Многу работи се вклучени во одговор на едно вакво прашање бидејќи не е воопшто едноставно.
Што им препорачувате на тие кои се лепат за Вас сега кога веќе не Ви треба ничија помош?
Симон со мајка му и татко му во Лондон
–На сите нас ни треба помош. Напротив ние мора да се помагаме еден со друг, да се развиваме за да просперираме. За да оди ова парче земја напред. А не да се губи времето непотребно, во ситни нешта, во духовна сиромаштија и глупости. Така што, ако некој чувствува дека така се однесува, треба да си ја има својата свест и совест за да си објасни себе си. Добро, јас нема што да се правам на три и пол за да кажам дека не забележувам вакви ситуации. Меѓутоа, мојата свест и совест е чиста и моите мисли се насочени напред и на остварување на многу убави нешта кои ме чекаат. Доколку такви ситуации постојат а постојат, јас навистина не сум придонел со ништо за такви чувства. Напротив има други одредени психолошки објаснувања за таквите реакции и однос. Затоа би препорачал да не се лажат себе си. Да се преиспитаат, да направат една прошетка, да погледнат во убавото сонце, да го помирисаат багремот околу и да си речат: „ Зошто вака правам, ајде да се сменам, да направам нешто подобро за себе, па така ќе им помогнам и на другите.“
Го прошетавте светот, на сите четири страни ја претставувавте Македонија. Какво е чувството? Колку низ светот ја знаат Македонија и што мислите кога велите- мала но историски значајна земја?
На врв на глечер во Исланд
–Па поминав многу низ светот, најмногу работејќи, не шетајќи. Се разбира кога имало можност за тоа, сум го правел со големо задоволство и сета сласт и страст. И со гордост секаде, дали во вербална комуникација или преку музиката на сцена, сум ја претставувал Македонија. На почетокот, сепак, станува збор за голем број години, многу луѓе и не знаеја каде е Македонија. Тоа е минус за нив, затоа што Македонија е точно мала, но историски многу значајна. Постоиме во записи од Библијата па наваму,историјата покажува дека сме постоеле многу пред други кои денес преставуваат моќ и власт. Од таму ние самите Македонци треба да се почитуваме многу повеќе, нели ако се почитуваш сам себе си, многу повеќе ќе те почитуваат и другите и на тој начин ќе бидеш најсилен на светот. Жалам што Македонците не се константни во тој поглед, за да се здружат и му покажат на светот кој од каде е и што значи и колку направил и што има од историски аспект. Но, јас и секој како мене во својата сфера може тоа да го направи индивидуално. На тој начин, доколку си ги знае своите корени, со гордост да зборува за нив. Секаде каде сум одел и оние кои имале малку познавање за Македонија, со голема почит и желба сакале да дознаат нешто повеќе. Мило ми е што на ова ниво ја поставив Македонија, на светската концертна мапа, како човек кој доаѓа од Македонија и има меѓународна кариера. Се разбира не треба да ги забораваме и Македонската филхармонија и Скопско лето и Охридско лето, сите придонесувале да ја јакнат свеста секој на свој начин и преку тоа и претставувањето на државата. Кога светот оди напред ние треба да ги искористиме сите придобивки и уште повеќе да ги едуцираме што сме, кај сме, кои сме, што се сме дале на светот и што значиме без разлика што сме за жал помалку од два милиони. Барем да сме дупло. Така што и сите оние кои се во дијаспората кои искрено си ги знаат корените си ја сакаат матичната држава и помагаат да се претстави тоа со гордост.
Која Ви е најзначајна награда досега?
Од концертот во Метрополис Арена во Скопје
-Ако разговараме за наградите кои сум ги добил тешко е тоа да се каже. Иако се разбира дека ја има тука единствената, која како мал ја добив на државниот натпревар- втора награда по пијано. Секако дека ми значи. Тоа беше можеби втора во нижо музичко. Наградата во Лондон во 2000 година беше дефинитивен пресврт во мојот живот и таа има особено значење за мојата кариера. Тука секако се и признанијата од Македонија, или Златен дијапазон што го добив во Париз, за најдобар диск на годината во категорија концерти за клавир и оркестри. Но, мене најголемата награда како човек ми се две работи. Тоа што сум израснат во здрав човек со поддршка на моите родители и од семејството, а втората се моите три дечиња, здрави и живи да се. Толку. Мислам дека човек не треба повеќе да бара, туку треба само да го искористи она што ќе му се даде како подарок.
Колку беше трнлив патот до светските скали, кое мото Ве водеше сите овие години?
Со настапот на Филхрмонија во Лос Ангелес
Секогаш сум бил воден од музиката. Најчистата мисла. Главата никогаш не ми била окупирана со победа или слава. Сум бил жеден за знаење, постојано сакам нешто повеќе. Тоа е убаво затоа што музиката е полна со бесконечно небо или најдлабок океан, кој толку многу дава, така што од тој аспект јас сакам што повеќе да научам. Инаку, го сакам и го обожавам животот. Јас сум таков човек. Таа љубов и страст кон животот, кој го прегрнувам во сите можни димензии. Мислам дека тоа ме водеше. Кога ќе почувствувате една исполнетост на душата преку звукот на музиката која сте во можност да ја создадете, во моментот кога свирите сам или кога соработувате со оркестар, да почувствувате најразлични звучни бои, кога сето тоа се вклопува во една хармонија. Ќе беше полесно да бев поет, па да го објаснам со зборови, но го објаснувам со музика. Нема нешто поубаво од тоа и бидејќи искрено го правам тоа и целосно сум посветен, се разбира дека е убаво кога ќе има некој кој ќе го забележи тоа и награди. И од таму се редеа еден по друг организатор, промотор, оркестар, фестивал.., придонесува за тие неброени скалила и од тој аспект убаво е кога човек само ќе се надградува, ќе се зголемува престижот, и те прави само уште посреќен Така да мојата побуда е најчиста на свет.
Како Ви успева на толку талент и слава да останете нормален, да не дозволите да Ве обземе еуфорија и да останете приземен, односно да останете човек?
– Јас сум горд и среќен што останав приземјен затоа што пораснав скромно, во семејство кај што на многу човечки и топол начин се востановуваа основните вредности во животот за да се создадат вистинските критериуми за вистинските вредности. Татко ми е дојден од рурална Македонија, која за жал не е искористена ни за планински туризам а камо ли од историски причини, што е многу тажно. Тој е од бунтовна Малесија, од селото Збажди на планината Караорман, струшко. Мајка ми е од селото Секирник, струмичко, инаку по потекло од Кукушко, бегалка со нејзиното семејство. И дојдени се од такви услови, па се потрудиле, се бореле и стасале во Скопје. Не заборавајќи ги притоа своите корени и почитувајќи ги и учејќи ги своите деца на нив. Во едни такви многу скромни услови јас пораснав како и децата во многу други семејства од Македонија па и Југославија. Но, мислам дека токму таа топлина и чистината на мислата и на душата беа стожер. Јас уште верувам во тоа. Иако денес е реткост. Особено во променетите времиња на живеење, на луѓето кои станаа многу лоши и злобни, со чест на исклучоци. За една здрава личност која ќе знае стабилно и гордо да чекори на земја. Бидејќи знам дека со работа сум го постигнал успехот, тоа ме прави уште погорд и посреќен, нема цена која може да го купи ваквиот успех. Успех кој се случил без никакви посебни маркетиншки инекции, бидејќи денес тоа е клучот за многу луѓе на овој свет, без разлика на нивото на уметничка вредност што некои од нив го покажуваат. Мислам дека големината е во едноставноста. Тоа помага во најискрениот однос на сцена и пренесување на чувствата кои што човек ги носи во себе и ги споделува со публиката. Мило ми е што има луѓе кои што можат да го осознаат тоа.
Како е да се биде татко на три деца? Колку успевате да и помогнете на сопругата Даниела со оглед на тоа што сте постојано на настапи?
Навистина дома ни е многу весело
-Не сум постојано, тоа е некаде близу половина година и кога има можности се разбира го земам семејството со мене. Кога ја имавме само Лара беше поедноставно. Сега Лара расте, на училиште е, Стефан и Андреј се мали и ограничени се можностите за патување иако и тоа го правевме секогаш кога имавме можност. Па и во текот на таа близу половина година ние поминуваме одредено време заедно и во странство. Но, се разбира помалку. Иако Лара е едно дете кое е необично нашетано. Да се биде татко на три деца е среќа, радост и привилегија. Да, не е лесно во одредени моменти, но тоа е природно и треба да се помине во рамките на свеста за тоа. Така што јас сум едноставно благодарен што имам такви дечиња, со сите свои карактеристики, и посакувам сите да имаат. Со сите свои позитивности, одредени маани во самоосознавањето, во растењето, во оформувањето на личност во кое влијание имаат и родителите и образованието. Успевам да и помагам на Даниела онолку колку можам, а тоа е резултат на една добра организација и нормално меѓусебно познавање, почит и разбирање и врз основа на тоа и договорот на поделбата на обврските. Сега тука подобро е неа да ја прашате, да не испадне дека се фалам или лажам. Но, не сум таков човек и можам само да и се заблагодарам и честитам за нејзината исклучителна посветеност кон децата и психофизичка подготвеност за сета она одговорност која произлегува од одгледувањето на децата. Бидејќи децата си се свои личности, со свои потреби и ние треба да го почитуваме и во рамките на можностите и реализираме. Од тука мислам дека Даниела е исклучително подготвена личност. Во текот на долгогодишното дружење колку и на почетокот да не била подготвена, се потрудила да ја сфати природата на професијата, а имала време за тоа, и да се сосредоточи, да е подготвена за она што ја чека.. Ние не очекувавме близнаци, но се потрудивме двајцата во текот на бременоста да го сфатиме фактот и да се подготвиме за тоа. Мислам дека тука тоа беше од исклучителна важност, како што се вели- каде две таму и три. Чист си со себе дека тоа те чека, подготвен си и во тој поглед таа е фасцинантна и благодарен сум и за тоа. Даниела, како и секоја мајка , љубовта ја води, тоа е основната движечка сила. Нормално јас најголемата помош што ја пружам е обезбедувањето на најдобрите услови, во рамките на моите можности, за да го имаат со децата. Секако тука ја има поддршката од мене, од моето и нејзиното семејство. Тие се 24 часа достапни што е многу важно. Затоа мислам дека долго време функционираме успешно. Морам од тој аспект да и се заблагодарам и да посакам на сите еден таков партнер, секако во поглед на меѓусебното разбирање, поддршка и љубов.
Кои се советите кои најчесто и ги давате на Лара, со оглед на тоа што Стефан и Андреј се уште се мали?
-Како и секој родител со востановени стандарди и принципи ја учам да биде добра личност, да биде здрава. Сега е на возраст во која децата се повеќе осознаваат. Да биде вредна, работлива, она што го прави да се труди да го прави најдобро што може, да се почитува себе си, особено ако има причина за тоа. Да ги почитува и останатите, да биде добра личност затоа што на тој начин и сето ова заедно ќе ја направат мудра личност. Нели мудрите се мудри затоа што се добри, но и добрите се добри затоа што се мудри, како што рекол Лорка. Ја учам и на уште нешто- да биде културна и слободна. Тоа мене ме учеше и татко ми и тоа е еден од рецептите за успех. Што се донесува до односот со братчињата да биде правична, еднаква. Таа како поголема сестричка доаѓа во судир, што е многу интересно и смешно, понекогаш забавно, но нам како родители ни е убаво да се биде дел од растот на своето дете. Навистина дома ни е многу весело.
Вашиот приватен живот успешно го криете, но сепак, ќе ни откриете ли која е тајната на успешен брак? Со Даниела заедно го делите животот над една деценија брак?
-Да, ние сме заедно…многу. Веќе сум заборавил. Над 20 години. Секоја врска е инвестиција од двете страни и секоја врска си има свои особености. Но, е убаво кога е почната и продолжена заради љубовта. Бидејќи се е минливо само љубовта останува. Од тој аспект ние двајцата пораснавме и созреавме. Природата на мојата професија можеби за неа беше понеобична, за разлика од околината што ја опкружувала, но се потруди да ја разбере и сфати. Па и да навлезе во мојата професија, која е далеку од нејзе како личност, далеку како класична музика. Но, нејзината интуиција донела многу интересни погледи во врска со прикаските во одредена композиција. Меѓусебното разбирање и почит што треба да го има во една ваква врска е одговорот на ова прашање и јас се разбира можам само да и се заблагодарам за сето она што го направила за мене, за успехот на нашата врска, на нашиот брак, за сите жртви кои ги дала, за нејзиното разбирање бидејќи сепак воопшто не е едноставно да поминуваш доста време сам без партнерот. Заврши психологија како одличен студент. Професија која денес, особено на нашиот менталитет на народ, му е од исклучително значење, но образовниот систем воопшто не обрнува внимание иако сите сме ние случаи, кои треба да посетуваат психолог, за да си помогнат на себе си. И тука нема ништо срамно иако тоа е наука за функционирање на душата, психата мозокот. Има голема филозофија во едно заедничко живеење меѓу двајца партнери во која врска едниот е уметник, креативец, нешто што бара малку поспецифично функционирање. Освен моментите кога секоја жена ќе му ги спои жичките на мажот. Хахахах… Тука морам да застанам на машката страна. Јас можам само да и се заблагодарам и да и се поклонам на Даниела, за нејзиниот влог во заедничкото живеење со сите предизвици што една врска во нормални услови ги носела. Но, затоа тоа е меѓусебно разбирање и почит за да се седне и разговара и да се објасни за најразлични ситуации. Затоа секоја и чест на Даниела.
Како ги поминавте времето овие месеци додека трае пандемијата, додека нема настапи, на што го посветивте најмногу времето? Научивте ли некој рецепт?
Време на пандемија, време за средубање низ дома
-Го поминав доста активно затоа што реструктуирањето на животот се случи со молскавична брзина. Јас морав многу голем дел да поминам на телефон и компјутер, да ги реоргинизирам концертите, состаноците, патувањата, па на социјалните мрежи да дадам поддршка на здравствените работници, па интервјуа… Сето тоа бара време. Плус и лајф стрим концерт имав за германскиот магазин „Кончерти“. Останатиот дел од денот се трудев да го поминам со децата, да гледаме „Биби и Боби“, па да правиме театар, како јас што го правев за Лара, па сега таа за братчињата. Јас театрално и ги донесувам прикаските а сега таа на нив. Па „Зоки Поки“, па „ Бушава азбука“… Поминав доста време во средување на мојата домашна библиотека, дискотеката, многу работи се насобраа, а овој период е добредојден за одредени нешта, за размислување за животот, имајќи го на ум исклучително брзото темпо на живеење. Така што навистина многу имам работи без разлика што не настапувам. И мило ми е што пред 10 дена почнав да вежбам и тоа доцна навечер, кога ќе заспијат децата, па да гледам филм. Тука го вклучувам училиштето на Лара, кое изгуби само еден ден, што е за пофалба. За рецепт? Е тоа е многу убаво патешествие на мојот мозок, но за жал уште немав време, освен дегустирањето на рецептите што Даниела ги прави и со текот на времето станува експерт. Со сласт ги дегустирам.Но, има еден кој го научив и го нареков „Шишарки“. Се земаат мелени лешници, бадеми, брусница, ореви и сусам се ставаат во путер и чоколадо за готвење и плус мед. Се мешаат и се ставаат во калап и ем е благо слатко, ем здраво. Убавина. Така што баш ми е ќеф за тоа. А во меѓувреме подготвувам и нов репертоар за рециталната програма, што ме чека кога ќе заврши оваа мистерија и лудост. И за новиот солистички албум за од септември, и подготовките на новиот албум „Македонисимо“ кој е издаден за „Лин рекордс“. Тоа се софистицирани обработки на македонски ора и песни од Панде Шахов во соработка со мене за петочлен ансамбл, кој требаше да излезе во мај, но се пролонгира за крајот на август. Тоа особено ме радува. Јас сум пораснат со македонската народна музика и секогаш сум верувал во нејзиниот потенцијал и начинот на кој се обработи со овој квинтет. Со фантастични музичари и луѓе како Хиден Мамудов, Александра Краповски, Александар Сомов и Влатко Нушев. Направивме своевиден пресврт во современиот начин на опишување на македонската народна музика. Досега нечуено што беше огромен предизвик. Многу сум среќен и горд. Јас сум иницијаторот, кум сум на проектот и идејниот водич. Секаде каде се претставувавме наиде на најдобар прием. На сите концерти низ Европа, а во февруари на азиската премиера во Јужна Кореја, навистина сме прифатени. За жал северноамериканската премиера се откажа, во јули во Отава, но ќе се случи. Следуваат турнеи Москва, Хонг Конг, Нов Зеланд.. Горд сум и се надевам се разбира дека тоа ќе биде уште една мотивација за уште поголемо спознание на нашето културно наследство. Благодарност до Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и Ансамблот „Танец“ за нивната професионална поддршка. Ова може да биде само една убава водилка во уште поголемо самопочитување на Македонците, својата култура и постоење и водич за убави нешта и инспирација, се разбира.
Весна Миленковска