Даночните приходи во мај бележат помал пад од проектираниот што покажува дека го имаме одбрано најсоодветното портфолио согласно анализите и проценките на ситуацијата со ковид-кризата која предизвика рецисија и во најсовремените економии. Избрано е најоптималното сценарио за финансирање во вакво време, на ризици и обезбедени се доволно средства за евентуален дополнителен шок или евентуална потреба од дополнителни мерки, рече денеска министерката за финансии, Нина Ангеловска.
Таа информира дека заклучно со мај, остварувањето на буџетските приходи изнесува 12,7 милијарди денари што е пад од 24 отсто споредено со истиот период лани, а даночните приходи се 6,5 милијарди денари што е намалување од 28 отсто. Придонесите се реализирани со пет милијарди денари, што е речиси исто на исто ниво како минатата година.
-Ако се има предвид дека падот на даночните приходи во април беше 31 отсто, значи бележиме подобрување. Реализацијата на даночните приходи според нашето сценарио кое предвидуваше намалување од 31 отсто, е 28. Тоа покажува дека проекциите биле соодветни. Имаме натфрлање или подобра резлиација од сценариото за околу 300 милиони денари, напомена Ангеловска.
Според неа, преку трите пакети за поддршка на стопанството досега се обезбедени над 500 милиони евра, но не се сите средства за директна финансиска поддршка. Од Буџетот се одвоени околу 200 милиони евра.
-Менаџирањето на државната каса во вакви услови е исклучително важно, важно е да се остави простор за непредвидливоста. Ние тоа го имаме, имаме простор и за евентуален дополнителен шок и за евентуални дополнителни мерки. Ако се одвива нашето проектирано сценарио ќе имаме средства за најсоодветно маневрирање и менаџирање.Засега, ребалансот е скроен да е на линија на претпазливост, рече министерката.