Што ве тера да бидете толку злобни? Џамбо Агушев разочаран од верските навреди на социјалните мрежи – ММС
ММС

Објавено на: 05/29/20 11:52 AM

Што ве тера да бидете толку злобни? Џамбо Агушев разочаран од верските навреди на социјалните мрежи

Не е важно кој си и која е твојата верска исповед, важно е каков човек си, вели Џамбо Агушев, македонскиот трубач со светска кариера, кој е многу изнервиран од  навредите на верска основа на социјалните мрежи. Тој, првенствено како човек кој го прошетал светот, а потоа и како уметничка душа, вели, не може да се изначуди што е тоа што ги тера луѓето да бидат толку злобни.

-Многу се нервирам што читам вакви навредливи коментари. Јас не навредувам, и од мене никогаш нема да се слушне некој коментар на верска основа, односно да навредам некој кој е со поинаква вера од мојата. Затоа нема да дозволам некој со мојата вера да игра мајтап. Досега не сум реагирал ама сега навистина се налутив. Потоа ми падна жал за таквите, веројатно толку многу им е празен животот за да си дозволат на социјални мрежи да плукаат оган од себе. Свесен сум дека нормален човек не го прави тоа. Па треба да си слеп за да не видиш дека ние тука сите заедно си живееме убаво. Конкретно во Струмица си живееме многу добро, никој никого не дискриминира или на национална база, пак, да се караме. Но, ете за жал не се сите такви. Не се сите луѓе добри. За мене човечноста е најважна. Треба прво да се има душа и срце. Не е важно кој која вера е. Важно е кој каков човек е. Јас имам респект кон сите вери, имам пријатели од сите вери и никого не сум осудувал. Не можеш да го осудуваш некој според тоа која вера, туку каков човек е. Не поднесувам злоба и на национална и на верска омраза. Никој не бирал каков да се роди. Во Куранот пишува дека „ако некој го осудува Мухамед, а ти поремолчуваш, значи не се разликуваш од од ѓаволот“. Затоа решив да проговорам и да порачам дека најважно е да се биде добар човек, вели Џамбо.

Откако почна пандемијата и се затворија границите Џамбо се скраси дома, бидејки пред Корона тешко можеше да се начека во Македонија. Тој вели дека во ова време-невреме иако откажал 75 концерти, сепак, добро му дошло неговиот син Мерт, кој има само пет години, почне да го учи да свири.

Џамбо со синот Мерт

-Им се чудам и на лугето како реаѓираат на опасноста од корона и како не се штитат. Жал ми е кога некој не мисли на здравје туку на бизнис. Ако е така и јас изгубив многу во работата ама сепак сметам дека здравјето е најважно. Дури  75 концерти се откажани низ цела Европа а сега е моментот, бидејќи албумот „Out now“ е во топ 10, а композицијата  „Brasses for the masses“ е на прво место на Сонглајнс и Трансглобал. Деновиве комуницирав со менаџерот, кој вели дека доколку дозволат условите некаде во октомври би требало полека да се враќаме на настапите. А до тогаш ќе уживам дома. Искрено добро ми дојде. Па јас последните две години од 365 дена во годината дури 300 дена не бев дома. Ке дојдеме, ќе смениме гардероба во куферот и повторно ќе заминеме. А сега си уживам со  семејството, со децата си гледаме филм, се дружиме и што е најинтересно Мерт, мојот петгодишен син, почнав да го учам да свири. Прв пат му е, досега никогаш не изразил желба да свири а сега е среќен и сака да вежба. Ме буди од спиење: „Тато, не спиј, ајде стани да свириме“. Вакво уживање одамна не сум почувствувал, вели Џамбо.

Весна Миленковска