Околу 110 работници на конфекцијата „Ти стајал“ од денеска се ставени во изолација, откако стана жариште на ковид 19 во Штип. Повеќе од 15 работнички се заболени, а дел се на лекување на Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип. Има и заболени членови од семејствата на конфекционерките, кои се на лекување. Деновиве ќе бидат тестирани сите работници од оваа конфекција, кои до сега немаа симптоми.
Денешните бројки на заболени во Штип не ги соопштуваат, со образложение дека ќе ги каже министерот за здравство Венко Филипче на прес конференцијата во 13 часот.
По вчерашниот престој на епидемиолози од Институтот за јавно здравје од Штип во присуство и на државниот секреатат Владимир Милошев, упатено е задолжение до сите работници во текстилните фабрики, доколку почуватвуваат симптоми, задолжително да се јават кај матичниот лекар. Препорачано е работата по конфекциите и превозот да се врши со максимална заштита.
Државниот секретар Милошев во разговор со Канал 77 вели дека и покрај инсистирањето на епидемиолзите, дури вчера е доставен комплетниот список на сите вработени во сега затворената конфекција. По добивањето на списокот, работниците добија решенија за изолација. Меѓутоа, до доставувањето на овие решенија, работниците слободно се движеа, што исто така е проблем.
-До сега не ги даваа контактите за да им се издадат решенија за изолација. Освен тоа, превозот не е засебен по конфекции, туку имаме и ситуација кога автобус превезувал работници од десетина конфекции. Затоа, најважно е да се затвори кругот на контакти и да се изолираат сите што биле во контакт со заболени, изјави д-р Милошев.
Покрај автобусот, кој превезувал работници од градот од три конфекции, вклучувајќи ја и „Ти стајал“, уште еден автобус, кој превезувал вработени од десетина конфекции возел на релација кон селата во Општина Карбинци. Две работнички од Балван и Карбинци се заболени и се во болница.
Лекарите очекуваат во следните пет до седум дена да расте бројката на заболени секојдневно. Дури по овој период се очекува мерките да дадат резултат.