ЈЗУ Центар за јавно здравје Штип со препораки до штипјани – ММС
ММС

Објавено на: 05/29/20 8:21 AM

ЈЗУ Центар за јавно здравје Штип со препораки до штипјани

Не престанува да расте бројот на новозаболени од ковид 19 во Штип, а жариштето е во конфекцијата „Ти стајал“, која  четврти ден не работи. Вчера  до 12 часот во Центарот за јавно здравје во Штип, се евидентирани девет нови случаи. Седум се текстилни работнички.денес се очекуваат резултатите од тестирањето на сомнителните случаи. Над 130 граѓани се во изолација. Битката е вирусот да не прошири во другите конфекции, особено во двете во околината, чии работници се возеле во ист автобус.

Во увид на состојбата вчера попладне  во Штип беа група епидемиолози од Институтот за јавно здравје во Скопје. Од Центарот за јавно здравје беа  упатени следниве препораки.

ЗАДОЛЖЕНИЕ ДО ГРАЃАНИТЕ

ЈЗУ ЦЕНТАР ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ – ШТИП ги задолжува сите граѓани кои се превезувале со автобусите од и до текстилната конфекција во која се детектирани поголем број на случаи на лица заболени од Короновирус (COVID-19),  како и граѓаните кои користат ваков тип на превоз, при појава на првите симптоми на болеста (кашлица, главоболка, покачена телесна температура, затнат нос, болка во грлото, треска, губење на чувството за вкус и мирис), ЗАДОЛЖИТЕЛНО да останат во самоизолација и да се јават на својот матичен лекар. Истите, по извршена епидемиолошка анкета ќе добијат упатства за тоа дали ќе бидат тестирани за COVID-19 и кога. Доколку истите бидат тестирани, ќе бидат задолжени да продолжат со самоизолацијата до добивањето на резултати од земаниот брис. Дополнително, од стручните лица ќе добиваат упатства за тоа како да постапуваат.

Бидејќи, ситуацијата од изминатите неколку денови остава впечаток дека почитувањето на мерките за заштита од овој вирус е на најниско ниво, уште еднаш, ги ЗАДОЛЖУВАМЕ граѓаните истите да ги почитуваат!

Задолжително е одржувањето на хигиената на превозните средства со кои се превезуваат работниците – задолжителна дезинфекција на истите, задолжително е одржувањето на социјална дистанца од 1,5 до 2метра на лицата кои се превезуваат со овие средства од и до своето работно место!

Задолжително е носењето на заштитни маски, а по можност и ракавици!

Во просторијата во која работат поголем број на лица задолжително да го има потребното растојание помеѓу истите, носење на лична заштитна опрема и на работното место, често проветрување на просториите, често миење и дезинфекција на рацете, задолжителна дезинфекција на работните површини и предмети кои се користат при работа, да се избегне групирањето на повеќе лица и за време на паузите за одмор!

Да се редуцира бројот на надворешни лица кои влегуваат во овие објекти!

Олабавувањето на мерките не значи крај на пандемијата на COVID-19, задолжителната примена на овие мерки е најбитен елемент во превенцијата на овој вирус!

Се вели во соопштението од  ЈЗУ Центар за јавно здравје – Штип