Келнерите смеат или не смеат да ги легитимираат гостите – разногласие кај институциите – ММС
ММС

Објавено на: 05/28/20 5:25 PM

Келнерите смеат или не смеат да ги легитимираат гостите – разногласие кај институциите

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави  дека келнерите и остантиот персонал во угостителските објекти, не смеат да ги легитимираат гостите. Бектеши тврди дека согласно Законот за угостителска дејност нема одредба според која сопствениците, менаџерите и вработените во угостителските објекти имаат надлежност да ги легитимираат гостите.

Министерството за економија ќе упати писмо до Комисијата за заразни болести за да се преиспита делот во протоколот за работа на угостителските објекти каде е пропишано колку лица може да се послужат на една маса и дали се од исто семејство или не.

Од друга страна, Стојко Пауновски, директорот на Државниот пазарен инспекторат, на денешната прес-конференција на Инспекцискиот совет рече дека персоналот на кафулињата и рестораните имаат право да ги легитимираат гостите за да знаат дали се од исто семејство пред да може да бидат послужени по тројца или четворица на маса.

Според Пауновски, келнерите и менаџерите имаат легитимно право да побараат лична карта за идентификација во угостителските објекти за да виде исполнет условот за седење на повеќе од две лица на една маса.

„Ние немаме обврска да ги контролираме граѓаните односно гостите. Келнерите или сопствениците на кафулињата и рестораните треба да им бараат лична карта. Дали има двајца или повеќе гости на една маса е одговорност на локалот. Затоа угостителите нека си обрнат внимание како работат и дали ги почитуваат сите протоколи“, рече Пауновски.

Министерот Бектеши пак  изјави дека протоколот за работа на кафетериите и угостителските објекти за исхрана неколку пати беше дискутиран со угостителите кои имаа забелешки токму во овој дел.

-Што се однесува до одредбите дека на една маса може да седат двајца, или четворица, но од исто семејство, јас можам да кажам само за она што е во надлежност на Министерството за економија. Согласно Законот за угостителска дејност, келнери, менаџери или управители на угостителски објекти немаат право да легитимираат граѓани, односно гости. Тоа е регулирано согласно Законот за полиција, Законот за заштита на лични податоци и само службени лица може да легитимираат граѓани, по посебни критериуми, рече Бектеши.

Според министерот, протоколот за работа на угостителските објекти треба уште еднаш да се разгледа во детали од страна на Комисијата за заразни болести.

-Ние како Министерство за економија ќе пратиме писмо до до Комисијата за заразни болести, ако претходно имавме забелешки, сега и во пракса во првиот ден, откако се отворија угостителските објекти може да се види дека протоколот тешко се применува, и од страна на угостителите, и од страна на гостите. Секако, ќе бараме од Комисијата за заразни болести да ги преиспита овие одредби во протоколот за да нема заблуди и кај граѓаните, и кај угостителите, кажа Бектеши.

Во однос на инспекциските контроли министерот повтори дека инспекторите во првите десет дена од стапување во сила на новите протоколи ќе имаат задача да ги едуцираат угостителите како да се придржуваат до мерките за заштита и нема да казнуваат.

-Во моментот кога се држи физичка дистанца слободно може да седат и четворица на една маса, ова беше забелешка на Министерството за економија кога се подготвуваа протоколите, а тоа го предложивме како барање на коморите. Но, тоа е одлука на Комисијата за заразни болести, а јас како министер за економија и како член на Владата секогаш ќе давам наши препораки идеи и коментари како надлежно министерство во делот на угостителството, но ќе ја почитуваме финанлната одлука од страна на Комисијата за заразни болести за почитување на сите протоколи на кои тие се повикуваат бидејќи се најнадлежни за заштита на здравјето на граѓаните, истакна  министерот Бектеши.