Денеска се потврдени уште четири нови случаи на ковид 19 во Штип, сите текстилни работнички од затворената конфекција, потврди за Канал 77, командантот на Општинскиот кризен Штаб, Благој Бочварски. Со денешнииот извештај, бројот на вкупно заболени во оваа конфекција се искачи на 10.
Во текот на денот се очекуваат резултатите од уште неколку тестови, со што оваа бројка за денеска може да не е конечна. Во изолација се 42 лица.
Конфекцијата станува ново жариште на ковид во Штип. Просториите се дезинфицирани, а сопственикот самоиницијативно ја затвори на една недела.
Вчера и денеска Општината Штип ги дезинфицира влезовите на конфекциите, фабричките автобуси и угостителските објекти, додека волонтерите делеа заштитни маски.
Новозаболените во конфекцијата, го крена алармот кај останатите капацитети. Од вчера во поголемиот дел од конфекциите важат правилата на социјална дистанца, не е дозволено групирањето за време на пауза, што од епидемиолозите беше посочено како критично, се дезинфицира и инсистира на работа со маски.