Заради непочитување на редот и уредбите на парохиската дејност при уставот на МПЦ-ОА, Струмичката епархија донесе одлука со која му се изрекува забрана за свештенодејство на отец Боро Милчев, против кого ќе биде покрената и дисциплинска одговорност пред Епархискиот црковен суд на Струмичката православна црква, соопштија синоќа од Струмичката Епархија, која ја предводи владиката Наум.
Во соопштението се наведува дека без благослов отец Милчев продолжувал да врши различни свештенодејствија по домовите и деловните објекти во градот Струмица и пошироко и влегувал во парохии каде што не е назначен, а вршел и неканонски венчавки по приватни домови во првата недела од великиот пост.
-Без благослов и спротивно на волјата на надлежниот архиереј се дрзна да почне градбa на „црковен храм” во близина на својот имот во село Смолари, каде што има свој приватен бизнис, без никакво одобрување или знаење на митрополитот струмички господин Наум и за истиот веќе има решение за рушење, бидејќи се е направено на крајно нелегален и криминален начин, се додава во соопштението.
Понатаму во соопштението се информираат верниците дека на свештеникот му е изречена забрана за свештенодејство и како што се вели „се додека не се покае и не се врати во послушание на Црквата и не ја прифати одлуката со која е назначен на парохијата која ги опфаќа селата Дукатино и Радичево и каде што единствено има благослов да делува како свештеник”.
-На крајот, наша должност е да ве известиме дека овој човек, иако носи свештеничка облека, не доаѓа во име на Црквата, и не го носи благословот Божји, туку напротив ја разградува Црквата и го соблазнува верниот народ за срам на Црквата, а на штета на својата сопствена душа и лично спасение, стои на крајот од соопштението на Струмичката епархија при МПЦ-ОА.
МИА