Во Македонија со дипломи за високо образование, во странство работници за се’ и сешто – ММС
ММС

Објавено на: 01/11/17 10:30 AM

Во Македонија со дипломи за високо образование, во странство работници за се’ и сешто

Долг е списокот на причини на младите тетовчани зошто би заминале надвор од Македонија па барем и на три месеци „гастербајтерствo“ во некоја од европските или прекуокеанските земји. Уште поголем е бројот на млади лица кои под покровот на привремена работа заминуваат за да останат и да го живеат американскиот сон некаде далеку од дома. Но дали сонот, може да се живее и во Македонија. Сторија на Снежана Новаковска, поддржана од Националниот Демократски институт од Вашингтон.

Се продуцираат кадри коишто на пазарот на труд не му се потребни

Центарот за развој на Јавниот живот во Тетово спроведе истражување на испитаници од четири општини во полошкиот регион. Младите од овие средини беа прашани, што им пречи за да имаат подобар живот, да останат тука и тука да ја градат својата иднина.

„Не вложувањето во основната инфраструктура по која непречено би доаѓале во урбаните средини, добивањето работа по партиска определеност како и постоење на политизација во локалните структури од каде младите бараат услуги, се проблемите коишто најмногу им пречат на младите од Полошко“, вели Борислав Павлоски, извршен директор на Здружение Центар за развој и унапредување на јавниот живот во Тетово.

Младите, додава Павловки, проблемот го лоцираат и во образовниот систем на државата каде се произведува кадар кој на пазарот веќе не му е потребен.

  • Македонија има доволно правници и економисти а има потреба од други профили кои младите воопшто не ги ни есапат при преминување во високото образование. Но затоа пак кога одат надвор од Македонија работат се’ и сешто поради добрата плата и финансии и затоа добар број од оние кои заминуваат на сезонска работа се снаоѓаат за да останат, дали преку црниот пазар на работна сила или пак преку стипендии кои успеваат да ги добијат. Добар дел од тие кои заминуваат и не остануваат таму  туку поради семејствата или поради задолжувањата кои ги имаат спрема банките одат да заработат и пак се враќаат назад“, посочува Павлоски.

Сепак голема е бројката на млади лица кои заминуваат од Македонија на едниот или другиот начин.

 

Не е важно само завршувањето на образoванието, туку и што потоа

Според Зоран Кочоски, генерален менаџер и сопственик на Коузон, компанија кој посредува при пракса, времено вработување и постојано вработување на млади лица и студенти во европските, но и во прекуокеанските земји бројката на млади лица кои сакале да заминат надвор од Македонија започнала да расте од  2002 до 2009 год.

Според него, основна причина за тоа се љубопитноста на младите и себедокажувањето, но во најголема мерка добивањето на бугарски пасош. Тој вели дека неговата компанија на времена работа и пракса испраќа студенти кои одат на пракса, заработуваат и се враќаат назад.

Кочовски главниот проблем за заминување на работа во странство на младите го гледа во лошо поставениот образовен систем.

  • ,,Со отворањето на многуте факултети во Македонија, државата на младите луѓе на тие факултети требаше да им обезбеди реална пракса надвор од неа да одат и да видат, да ја задоволат љубопитноста со можност да се вратат назад. Има и такви кои не се враќаат назад и покрај тоа што таму не се снашле. Се  срамат да дојдат и да кажат на пример дека Германија не чини, овде сите ќе му се смеат“, потенцира Кочовски.

Според него, три сегменти се во прашање – ако веќе се зборува за  високото образование во Македонија.

„Треба тој кадар да го испочитувате максимално , да му обезбедите некаква пракса и да му дадете некаков фидбек. Втората работа која јас ја заговарав многу одамна е испраќање работна сила во натура како порано до 2005 година и трета работа е дозволувањето  земање на бугарски пасоши што придонесе многу млади луѓе да заминат надвор од Македонија“, нагласува Кочоски.

Зошто младите одат надвор од родната Македонија а потоа и се трудат трајно да останат таму сведочи и приказната која со нас ја сподели дваесетгодишниот тетовчанец Ненад.А.

  • Втора година по ред одам во Америка преку фирми кои посредуваат за работа вво тамошните држави и сум задоволен од искуството но и од заработувачката. Со само четири месеци работа таму, јас обезбедив средства за моето образование овде, што всушност е и моја цел . Одам во Америка затоа што со примањата кои ги имаат моите родители  не можат да се подмират ни основните животни потреби а камоли една моја студиска година која чини околу 2000 евра“, вели Ненад А. од Тетово кој две години по ред работи во САД.

Првите 4 месеци во Мериленд во Вашингтон, а вторите 4 месеци во Хајанис на Кејп Код Масачусетс.

  • Не би заминал од Македонија доколку и овде ми се даде можност да заработам колку и таму но за жал тоа не е така“, додава Ненад.

Нерамномерниот развој на регионите во земјата, една од причините за иселување

Државата не се развива еднакво, повеќе се инвестира во Скопскиот регион, а останатите региони  како Североисточниот, Вардарскиот, Полошкиот, Пелагонискиот се оставени на милост и немилост.

И последните податоци  на Државниот завод за статистика покажуваат дека обемот на инвестиции во полошко е многу мал, и тоа не дава можност да се создава нова економска структура  или промена во економската структура внатре во регионот, со што населението е незадоволно и бара можност за друго место за живеење.  Најновите податоци покажуваат дека  57 %  од инвестициите во основните средства се во Скопје.

За да нема разлики и за да не се иселува населението и да се сопре миграцијата, потребно е рамномерно расподелување на инвестициите низ цела држава но и поставување на можеби поинаков образовен систем. До сега преземените мерки на Владат на РМ и високо буџетните рекламни кампањи за високото образование во државата очигледно не даваат резултати, а посебно не ги спречуваат младите да го бараат своето место под сонцето надвор од родната Македонија.