СДСМ бараат избори што поскоро, Мицкоски алудира на крајот на летото – ММС
ММС

Објавено на: 05/18/20 2:20 PM

СДСМ бараат избори што поскоро, Мицкоски алудира на крајот на летото

Партиските лидери денеска на средба во претседателската вила Водно повеќе од два часа разговараат за можниот термин за одржување на предвремените парламентарни избори.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев смета дека изборите треба да се одржат во првиот можен термин. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, е за изборно соочување на крајот на летото.

– Во тек е средбата кај претседателот Стево Пендаровски. Очекуваме на прво место да биде ставен интересот на граѓаните и да се одреди конкретен датум за избори. Од здравствен, од економски и демократски апсект одговорно е парламентарните избори да се одржат во првиот можен рок, веднаш штом условите го дозволуваат тоа, согласно препораките на здравствените институции, напиша Заев на својот фејсбук профил.

Од СДСМ очекуваат дека денеска на средбата кај претседателот Стево Пендаровски, лидерите на партиите на прво место да го стават интересот на граѓаните и државата.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека избори треба да се одржат кон крајот на летото, и дека тоа е најбезбедно за граѓаните.

– Крајот на летото е периодот предложен од Мицкоски на лидерската средба како најпогоден за оддржување за избори. Овој период е предложен како најмалку опасен по здравјето на граѓаните и очекуваното стабилизирање на корона кризата до тогаш. Со овој датум се избегнува стравувањето од нов бран од корона бидејќи сите најави се дека тоа ќе се случи почетокот на зимата, или доцна есен што го потврдува и СЗО. Крајот на летото е период кога најголемиот дел од луѓето се во земјава со што е присутна и можноста за кредибилни избори со висока излезност. Воедно ќе се има и појасна слика за ризиците и состојбата со короната во државата, а ДИК ќе има време за организирање на изборен процес кој ќе обезбеди заштита на здравјето на граѓаните, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Со ова, наведуваат од партијата, јасно ставаат до знаење дека не бегаат од избори, и оти ае фаворит, но воедно се грижат за здравјето на граѓаните. – Од друга страна, видливо е на моменти нервозното однесување на Заев и пресметката за брзи избори со дваесетина посто излезност и огромен број на жртви во услови кога се уште има двоцифрени бројки на новозаразени, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

За брзи избори, ако со нив не се загрози здравјето на граѓаните, е Демократската унија за интеграција.