Уште една победа од многуте во Премиер Лигата, навидум незначајна против веќе испаднатиот Лестер, бидејќи Арсенал ја запечати титулата претходно кога второпласираниот Челзи загуби од Њукасл, а момците на Венгер извадија нерешено со нивниот лут ривал Тотенхем. Но, таа победа беше испишана со златни букви и претставуваше влегување на „Топџиите“ во историјата на ова натпреварување, како единствениот тим што играчката сезона ја завршил без ниту еден пораз. Дотогаш постоеле феноменални колективи што буквално со леснотија стигнале до трофејот, ама секој од нив запишал барем еден пораз на нивно конто.
Во сезоната 2003/2004 Арсенал од 38 кола издвои 26 победи и 12 нерешени, постигнувајќи 73 голови. Навистина, се работеше за фантастичен тим со одлични индивидуалци. Леман на голот, Ешли Кол и Лорен по лева односно десна бековска страна, Сол Кемпбел и Коло Туре на стоперските позиции. Роберт Пирес ординираше по левата страна во средината, Фреди Љунберг по десната, а Виера и Бразилецот Жилберто Силва во централниот дел. Нападот го сочинуваа Тиери Анри и Денис Бергкамп.
Анри во кампањата 2003/4 постигна 30 голови. Предноста пред второпласираниот тим на Клаудио Раниери, Челзи, изнесуваше цели 11 бода. Иако кога се зборува за оваа екипа најчесто фокусот е ставен врз нападот и средината, подзаборавен е фактот дека Арсенал прими само 26 гола и дефанзивната линија беше поприлично импресивна.
„Тhe Invincibles“ или „Непобедливите“ е надимакот со кој се опишува најдобрата сезона во кариерата на францускиот стратег Арсен Венгер и лондончани. Овој надимак влече корени уште од 19 век и се врзува за клубот Престон Норт Енд, менаџиран од Вилиам Садел. Престон ја добива оваа „етикета“ затоа што целата сезона исто така ја завршува без ниту еден пораз.
Арсен Венгер на некој начин создава мини-револуција во Арсенал, но и во целата лига. Неговите методи на работа, физичка подоготвка и режим на исхрана, строга дисциплина и перфектно „око“ за млади играчи, во Англија и надвор од неа, го ставаат во групата најдобри тренери што чекореле во Премиер Лигата.
Секако, патот на Арсенал кон ова остварување не беше нималку лесен. Славниот рекод можеше да биде наивно срушен доколку Руд Ван Нистерлој во дербито помеѓу Арсенал и Манчестер Јунајтед на „Хајбери“, не промашеше удар од белата точка. Тој меч заврши без голови и можеби го навести она што сите го видовме на 15 мај.
По поразот на Челзи од 4-2 од Чарлтон, носен на крилјата на Скот Паркер, пред Арсенал останува бришан простор. Клучниот момент во трката за титулата се случува во февруари, кога Арсенал го поразува Челзи со 1-2 на „Стемфорд Бриџ“ и се осамостојува на врвот на табелта.
На финалниот ден, Арсенал на полувремето е во гол недостаток во однос на противникот Лестер, кој таа година испаѓа во втора лига, но го има во своите редови најдобриот асистент, Изет Музи. Фуриозниот старт во првата половина на второто полувреме го спасува рекордот на „Топџиите“, а за последен пат Анри и Виера се запишуваат во листата на стрелците. Арсенал станува првиот тим во Англија што ќе подигне златен пехар, како знак на неговата доминација и непобедливост.
До денес неколку екипи биле навистина блиску до достигнувањето на овој рекорд. Челзи уште следната година со Мурињо забележува само еден и единствен пораз од Манчестер Сити, притоа примајќи помалку голови од непобедливиот Арсенал. Неколку кола пред прекинувањето на актуелната сезона во Премиер Лигата, Ливерпул беше на добар пат да го засени рекордот на Арсенал, но Ватфорд и Исмаила Сар тој ден на „Викариџ“ не мислеа така.
Фото: justarsenal.com / goal.com / dailycannon.com
Видео: youtube.com
Давор Јосифоски