Од издавањето на концесии за екплоатација на минералните суровини добива државата, општините и инвеститорите, но не и жителите, кои што живеат во непосредна близина на инсталациите. Овие инсталации, се жалат граѓаните, буквално им го уништуваат секојдневието и најважното, здравјето.
Инвеститорот мора да помине бројни процедури, да се соберат многу документи. Во целиот тој процес до доаѓањето на неопходните дозволи, во кој се вртат многу пари, се бележат случаи кога договор за концесија има, но не и Б- интегрирани дозволи. Потоа, се врши експлоатација на диво, или случај, кога еднаш добиените дозволи се реиздаваат на трети лица. Сето тоа толерирано од надлежните институции.По која цена и за чиј интерес?
Протестите и реакциите жителите делумно ја успорија работата на овие инсталации.Некои привремено ја прекинаа, но, сега во овие вонредни услови, кога не може ниту да се реагира, ниту да се протестира,концесионерите си продолжуваат со работа.
„Сакаме здравје, не пари“, „Не ја копај нашата иднина“, „Прашината од каменоломите убива“
Бучава, воздух исполнет со прашина , детонации, испукани ѕидови по домовите. Ова веќе две децении е секојдневие на жителите од струшкото село Лабуништа.Тука живеат 9000 жители, а во непосредна близина на само триесетина метри од последната куќа, се наоѓа првиот од вкупно шест каменоломи.Тие не се од вчера, туку се дел од секојдневието на жителите веќе дваесет години.
Првата концесија е издадена уште кога Лабуниште беше општина, велат жителите, пред 8-9 години се издадени и останатите концесии. Никој не го слушаше револтот на граѓаните кој што од ден на ден се повеќе растеше, за да кулминира по инфомацијата дека е издадена концесија и треба да започне со работа нов рудник за минерални суровини во зелениот појас на Јабланица покрај пасиштата и изворите. Концесијата на 40 години ја доби фирмата АД Илинден од Струга.. Алим Саловски , претседател на ЕД Натура Лаб, вели дека експлоатацијата ќе значеше уништување на планината, на изворите од кои селото се снабдува со вода.
,,Чашата се прели и народот сам се организираше, без никаква позадина. Дежуравме по 24 часа, шест-седум дена и поради притисокот што го направивме, дојдоа на разговори и преставници на власта а министерот за економија, Крешник Бектеши лично се ангажира да се сопрат активностите. Навистина машините на АД Илинден се повлекоа, но и тоа засега не е некоја гаранција и не се знае што ќе се случи понатаму, зошто станува збор за концесија која е издадена на фирмата до 2042 година,“ вели Саловски.
Протестите и притисоците на жителите изнесоа на виделина некои незаконитости и неправилности, па една од концесиите беше раскината. Владата го раскина договорот со фирмата концесионер „Фатмир Реџком“ поради извршена поделба на концесионерот без добиена писмена согласност на Владата.
Раскинувањето на оваа концесија ,според жителите не ја променило многу состојбата. Проблем преставувале најстарите каменоломи, а дополнително во текот на протестите жителите добиле информации дека требало да се доделат уште три концесии. Поради извршениот притисок дозволите не се издадени.
„Тоа ќе значеше уште поголема катастрофа, уште повеќе што концесиите не се издаваат по сите правила и прописи,туку од канцеларија и од фиока, без да се излезе на терен и да се види фактичката состојба, колку тие каменоломи се одалечени од населените места, до самите куќи бидејќи со минирањата кои што ја следат експлоатацијата има многу оштетувања на домовите. Покрај тоа факт е и дека последните години во Лабуништа навистина имаме премногу заболени, со тумори, карцином а најголема причина за тоа , за што кажуваат и анализите на лекарите се токму тие минирања и прашината.Земјоделското земјиште повеќе не може да се обработува, покриено е со прашина и со камења од експлозиите. Ние сме свесни дека тука има и мито и корупција и сигурно некој си наоѓа интерес, но ние лабунишани имаме само штета и нарушено здравје,“ додава Саловски.
Аладин Демишовски , доктор интернист со долгодишно искуство , вели дека ако пред дваесетина години имало по еден , денес се бележат по 4-5 лица заболени од малигни заболувања при што доминираат заболувањата на респираторните органи.
,,Главниот фактор на овие заболува е прашината која што не се знае какви се’ состојки содржи. И што е најважно оваа прашина не останува само во овој простор, туку се шири и во соседните села како и во самата општина Струга“,тврди д-р Демишовски.
Во атарот на селото Лабуништа освен АД Илинден, концесија имаат уште три фирми, АМ-ИС, МИ-ТРАНС и фирмата АНАДА КОМ. По протестите околу пет-шест месеци работите се смирија, машините се повлекоа, меѓутоа она што е најтрагично,велат жителите на Лабуништа,што сега во овој период, во услови на епидемија, тие што се повлекоа се вратија назад да копаат, а жителите поради вонредната состојба ниту можат да реагираат, ниту можат да протестираат.
За време на протестите, жителите од Лабуништа добија подршка и од градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко но тие сметаат дека оваа поддрша била само декларативна, бидејќи ако е така, зошто им се издава Б-интегрирани дозволи на концесионерите кога повеќе од очигледно е дека е загрозена и животната средина и здравјето на луѓето.
,,До сега од нас жителите ниту еднаш не е побарано да дадеме свое мислење околу работата на каменоломите или да учествуваме во јавна расправа како процес во добивањето на Б-интегрираните еколошки дозволи. Такво нешто не е побарано ниту од нашите претставници во советот на општина Струга“, вели Саловски.
Тоа значи воопшто не е запазена законската постапка, ниту е почитувано правото на жителите да бидат информирани за промените во животната средина.
Од општина Струга ни одговорија дека биле запазени сите постапки во врска со издавањето на дозволите, но не дадоа одговор зошто било дозволено повеќе од една година фирмата да работи без Б-интегрирана дозвола, и зошто дозволата е издадена веднаш откако протестите на жителите беа ставени во мирување, откако добија ветување дека проблемот со каменоломите ќе биде решен.
,,Општина Струга ќе ги искористи сите правни механизми и ќе биде во служба на месното население во секое време и ќе бара од надлежните да се изврши ревизија на сите издадени концесии и дозволи“ – стоеше во соопштението на локалната самоуправа во текот на масовните протести.
Од тогаш поминаа речиси девет месеци, во кој период издадени се нови Б-еколошки дозволи.
На зборови остана и најавата дека општината ќе формира комисија, која што ќе направи контрола и ревизија на сите каменоломи што работат на територијата на општина Струга, колку работат со доволи колку на диво.
Според Лилјана Поповска од ДОМ, Македонија е потписник на Архуската конвенција со која секој граѓанин има право да знае се’ што е поврзано со животата средина и неговото здравје.
„Секоја институција државна или локална е должна да го информира својот граѓанин за тоа што планира да прави во неговата близина, нешто што директно влијае на неговата животна средина и врз неговото здравје“, вели Поповска.
Од достапните податоци може да се види дека на една од фирмите конеционер на каменоломите во с.Лабуниште ,МИ-Транс , на Б-интегрираната довола која што ја издава општина Струга во времетраење од седум години и завршила важноста до јули 2018 година, следната е издадена по речиси 1,5 година, за да во меѓувреме, активностите на фирмата на каменоломите воопшто не е прекината. Жителите реагираат на фактот дека сето ова институциите го толерираат , а Б-интегрираните дозволи се издавале во и по периодот на нивните протести.Тие реагираат и на тоа што објавите за јавна расправи како една од задолжителните активности во издавањето на Б-интегрираните еколошки дозволи воопшто не биле транспарентни, па најчесто за нив дознавале кога веќе било доцна да се интервенира, или воопшто не се организирале.
Првата Б-интегрирана еколошка дозвола ,,МИ ТРАНС “ја има добиено на 18 јули 2011.Оваа дозвола има рок на траење од седум години, што значи до јули 2018 година.Следната дозвола ја има добиено ,според регистарот на Министерството за животна средина на 20 декември 2019 година.
Според Недим Мехмедовски член на „Одборот за спас на Лабуништа“, донесувањето на новиот закон за минерални суровини во голема мера ќе го решел нивниот проблем и проблемот на жителите од сите населени места во земјава кои се соочуваат со вакви ситуации, но иако истиот беше изготвен и презентиран не се донесе поради распуштањето на Собранието . Овој закон предвидува едностранрано раскинување на концесијата од страна на државата со кои ќе можат да се решат проблемите на локалното население што ги има со концесионерите.
„Токму поради тоа што верувавме дека законот ќе се донесе, ние и ги прекинавме протестите. Затоа сега се чуствуваме изманипулирани и изиграни. Сигурно повторно биле побитни нечии други интереси и профити и прашање е дали воопшто тој закон во таа форма некогаш ќе се донесе“, смета Мехмедовски.
Претседателот на Здружението,,Натура Лаб , Алим Салиовски вели дека нивната борба за затварање на каменоломите ќе продолжи и ќе дојде денот кога тие ќе се затворат и покрај игнорирањето на инаституциите. Во прашање е животот на сегашните но и на идните жители, ако воопшто останат во селото.
Со оглед на тоа што освен ветувања, засега никој не го решава нивниот проблем и им се прекршува со уставот загарантираното право за живот во здрава животна средина, првото што ќе го побараат со укинувањето на вонредната состојба, велат жителите, е Лабуништа повторно да стане општина.
Сторијата е дел од проектот ,,И локалната инфомираност е тест за ЕУ“ ,финансиран од Фондацијата Отворено општество-Македонија„
Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот ЗГ „Медиа плус“ од Штип и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество-Македонија.