Филипче: Ќе побараме продолжување на вонредната состојба – ММС
ММС

Објавено на: 05/14/20 11:28 AM

Филипче: Ќе побараме продолжување на вонредната состојба

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека на Советот за безбедност ќе побараат продолжување на вонредната состојба.

-Утре треба да се одржи состанок на Советот за безбедност. Ние ќе побараме продолжување на вонредната состојба од повеќе причини за да имаме механизми во однос на имплемантацијата на вакви препораки и во периодот кој што следи, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Тој не прецизираше дали ќе биде побарано продолжување на вонредната состојба за нови 30 денови или помалку.

-Потребно ни е да се продолжи вонредната состојба затоа што дел од мерките важат само за време на вонредна состојба. Многу е битно тие да важат и натаму. Многу е битно да имаме инструменти во рацете да работиме со овие механизми, во однос на рестрикција на движење, уредбите кои важат и така натаму. Потребни ни се инструменти со кои препораките на Комисијата за заразни болести ќе можат да се имплементираат преку Владата, рече Филипче.

Вонредната состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 16 април истекува во сабота.

Доколку биде донесена одлука да продолжи вонредната состојба и Владата достави предлог, Советот за безбедност треба да одржи нова седница в петок и претседателот да донесе одлука за нејзино продолжување.

Во спротивно, вонредната состојба поради коронавирусот, која првично беше прогласена на 18 март, по што беше донесена уште една одлука за нови 30 дена, ќе заврши в сабота.

Двете одлуки на претседателот Пендаровски за прогласување вонредна состојба останаа непотврдени од Собранието, поради тоа што тоа беше распуштено.

Ако парламентарниот состав не беше распуштен Собранието, наместо претседателот Пендаровски ќе требаше да ги донесе одлуките за прогласување вонредна состојба, како што е предвидено со Уставот.

Двете одлуки на шефот на државата за вонредна состојба беа осшпредни пред Уставниот суд, но тој реши дека нема основа за поведување постапка за оценување на нивната уставноста и законитост.

МИА