„Синусит подразбира акутно или хронично воспаление на синусите каде причинителот е од бактериска, габична, вирусна инфекција или алергија на одредени алергени“, вели примариус спец. д-р Маја Кирјас, хирург-оториноларинголог од ЈЗУ Клиника за оториноларингологија при Клинички и Универзитетски Центар –Скопје, која за mms.mk објасни и колку вида синуси има, зошто се случува воспалението, како се лечи, каков треба да ни биде имунолошкиот систем и секако, просторот каде живееме, кој исто така има голема улога во проблемите со синусите.
-Постојат четири групи на синуси -максиларни, фронтални, етмоидални, сфеноидални. Сите се препокриени со слузница која лачи секрет со што се одржува влажноста во ноздрите и се задржуваат надворешните честички. Воспалението на синусите настанува поради едематозна/отечена слузница со затворање на изводните канали од синусите кон носот.Тоа би значело попречена дренажа или аерација/вентилација на синусите. Евидентно е при преглед/снимка да воочите задебелување или оток на нивната слузница. Попречен е патот за излачување на секретот кој постои во нив в оедно течноста/секрецијата се задржува во синусите и предизвикува главоболка, локална болка во предел на синусот со што се воочува акутно воспаление или акутен синуситис, доктор Кирјас.
Според неа акутниот синузит има карактеристична болка или притисок околу очите, главоболка, исцрпеност. Таа вели дека карактеристично покрај болката е и покачена телесна температура, зголемена носна секреција која ја чувствува пациентот и се слева кон грлото,намалено чувство за мирис и вкус, неретко – оток во предел на лицето,чувство на отежнато дишење низ нос.
-Хроничниот синузит е состојба која трае пролонгирано каде најчест причинител е алергијата. Пациентите се праќаат на алерголошки тестови, имунолошки иследувања и изолирање на ИгЕ од носната слузница. Статистички 35% од светската популација боледува од некој тип/облик на алергија – независно дали е сезонска или целогодишна. Дел од вината е и во стресниот начин на живот. Најраспоространет е алерискиот ринит, но не и помалку се распоространети другите алергиски реакции кои предизвикуваат проблеми во останатите горни и долни респираторни /дишни патишта,кожни реакции…алериски ларингит, алергиски дерматит, астма…предизвикани најчесто од преосетливите супстанци во околината како поленот, тревата, коровот, цветни стебла (како најчести алергени), алергија предизвикана од храна,домашна прашина…и се’ друго со што сме опкружени, објснува таа.
Како се лечат синусите? Кирјас вели дека како и лекувањето на другите болести честопати се користи каузална или симптоматска терапија. За добра евалуација на заболувањето неопходно е да се направи првенствено фибер-ендоскопско испитување кое се врши во амбулантски услови, безболно, неризично ( се врши од најмала детска возраст) и се евидентира состојбата на носната слузница, состојбата на синусниот отвор кон носот, јачината на воспалението, обилноста на секрецијата… Според неа ренген дијагностиката ,компјутерската терапија е неретко потребна за комплетна дијагностика и поставување на точна дијагноза.
-Лекувањето зависи од причинителот на синусното заболување. Правилно е пациентот да направи микробиолошко иследување. Во случај на бактериска инфекција детерминирањето на бактеријата и антибиограмот му помага на лекарот за правилното дејствување ,ординирање на антибиотската терапија. Во случај на вирусна инфекција се ординира антивиротик и симптоматска терапија за ублажување на симптомите. Поаѓајки од фактот дека јака вирусна инфекција прави поголемо влошување на инфекцијата се ординира и антибиотска терапија. Деконгестивите, назалните спрееви се ординираат и кај бактериските и вирусните инфекции. Доколку станува збор за хроничен синузит неопходно е користење на антихистаминска терапија, леукотриени (во комбинација со антихистаминици), локални кортико назални спрееви, вели Кирјас и додава:
„Кај синузит со јака симптоматологија неретко се ординираат и системски кортико апчиња или инјекции (венски или мускулно ординирани). Битно е да се нагласи дека антихистаминската терапија како и леукотриените имаат најдобро дејство доколку се користат барем три недели. Кај алерискиот синузит може и нивно пролонгирано- неколку месечно користење. Алергијата никогаш во потполност не можете да ја излечите,но може да ја ставите под контрола“.
Имунолошкиот систем има битно влијание не само на синузитот туку на сите заболувања. За таа цел, според Кирјас, потребно е пациентите да имаат правилна и здрава исхрана,користење на суплементи доколку имаат брзо темпо на живот. Имуностумулатори се користат за подигање на имунолошкиот систем на организмот ,но сепак за нивното користење –консултирајте лекар.
-Инхалациите се исклучително добри и може да се прават и во домашни услови,бидејки инхалатори може да се набават во нашите аптеки. Речиси секогаш кога вршите инхалација во домашни услови е потребно да користите покрај лекот и физиолошки раствор 2 мл. Сепак за правилно користење на пишаново е потребна консултација со вашиот лекар, објаснува Кирјас.
Просторот во кој живее индивидуата е битно да е со одредена влажност. Во зимскиот период суви и прегреани простории честопати ја влошуваат состојбата. Целата „борба“ на пациентите и лекарите е да не дојде до хируршки зафат.
-Хируршките интервенции на синусите мора да имаат свои посебни индикации. Најчеста индикација е анатомска опструкција /оневозможеност на дишењето и дренажа на секретот во синусите. Оперативните интервенции се корегирање на носната преграда (септална девијација), хипертрофија на носните школки/конхи, назални полипи и полипи во синусните шуплини…..Пред оперативната интервенција неопходна е ендоскопска опсервација на пациентот, компјутерска томографија, магнетна резонанца , вели Кирјас.