НА ДЕНЕШЕН ДЕН: „Агуероооооооо!“ и премиерлигашката титула во синиот дел од Манчестер – ММС
ММС

Објавено на: 05/13/20 3:47 PM

НА ДЕНЕШЕН ДЕН: „Агуероооооооо!“ и премиерлигашката титула во синиот дел од Манчестер

Месец мај и англиски фудбал секогаш се врзуваат со најубавите фудбалски испишани бајки.

На денешен ден во 2012, великанот во надоаѓање, Манчестер Сити, ја освои својата прва титула во Премиер Лигата. И тоа каква и тоа на каков начин. Во главите на сите фудбалски фанови, а особено оние на Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед, сè уште одѕвонува она „Агуеееррооооооооо“ издолжено и од душа извикнато од легендарниот коментатор на „СкајСпортс“, Мартин Taјлер.

Сезоната 2011/12 генерално беше поприлично изедначена во Премиер Лигата. Борбата за опстанок траеше до 38 коло, борбата за Лигата на Шампионите исто така. Секако, тука не изостана и борбата за титула, овојпат водена од двата сега веќе големи градски ривали, Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед.

И едните и другите во последното коло влегоа со ист број на бодови, 86. Тимот на италијанскиот стратег, Роберто Манчини, ја имаше гол разликата на своја страна. На Сити му требаше било каква победа на домашниот „Етихад“ против КПР, екипа од дното на табелата што се бореше за опстанок. Кон крајот на првото полувреме Забалета го скрши отпорот на дефанзивно ориентираните гости и Сити поведе со 1-0. Почетокот на второ полувреме го одбележа Џибрил Сисе, кој го изедначи резултатот. Сити во тој момент имаше скор вреден за губење на првото место, бидејќи паралелно Манчестер Јунајтед водеше 0-1 на гостувањето во Сандерленд, со голот на Вејн Руни.

Седум минути подоцна, поранешниот фудбалер на Манчестер Сити, Џои Бартон, го направи она по што е препознатлив низ целата негова кариера. Го „клоцна“ Агуеро и заработи црвен картон. Се чинеше дека работата за светло сините од Манчестер е релативно олеснета против десеткуваниот противник, кој исто така на тој меч имаше свој влог. Контрата на лондончани, Џејми Маки ја претвори во гол со глава, совладувајќи го Харт од мала близина.

Пет минути продолжување на регуларниот дел од мечот, на семафорот на „Етихад“ стои 1-2. Фановите на Јунајтед на „Стадионот на светлината“ во Сандерленд, преку своите радио врски ги слушаат случувањата во Манчестер и се подготвуваат за голема прослава. Но, еден Босанец и еден Аргентинец, не мислеа така. Во 92 минута Един Џеко со удар со глава го матира голманот на КПР и го изедначува резултатот. Две минути надеж за чудо, две минути шанса за освојување на првата премиерлигашка титула во клупската историја. Марио Балотели ја прима топката во близина на шеснаесетникот и го проигрува Серхио Кун Агуеро, кому не беше воопшто тешко да издрибла неколку играчи, да го постигне победничкиот шампионски гол и да го фрли целиот „Етихад“, а и цела фудбалска Европа во транс.

Манчестер Сити е новиот првак на Англија, шансата на големиот Алекс Фергусон да се пензионира со уште еден трофеј, падна во вода. Подобрата гол разлика и голот во последните мигови од финалниот меч за таа сезона, го етаблираше Манчестер Сити како првак, но и како тим на кого треба „да се фрли око“ во годините кои претстојат. Нерешениот исход на Болтон на дуелот против Стоук, му го продолжи престојот на КПР за уште една сезона во Премиер Лигата.

 

 

Фото: mancity.com /skysports.com

 

Давор Јосифоски