Георгиев: Медицинска документација за регенси не може да се мести – ММС
ММС

Објавено на: 05/12/20 1:08 PM

Георгиев: Медицинска документација за регенси не може да се мести

Тендерска медицинска документација за реагенси не може да се мести, реагенсите се купуваат врз основа на каков апарат се поседува, изјави денеска директорот на Клиничката болница во Штип, Ален Георгиев, отфрлајќи ги обвиненијата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека станува збор за криминално местење на тендери со фаворизирање на една компанија.

-И пред мене во 2017, а и во 2018 и 2019 сме набавувале реагенси за апаратите кои и денеска ги поседуваме и се исти, а ги добивале понудувачи од две фирми кои ги нудат реагенсите. Во 2019 година за разлика од 2017, за 2.621.000 денари имавме поголем тендер – значи сме набавиле многу поголеми количини од постоечките реагенси и сме набавиле дваесетина реагенси кои сме ги немале и сме го прошириле асортиманот на биохемиската лабораторија, повторно понудувачи беа истите две фирми, но не се сеќавам дека во тоа време некој одржал прес и некому нешто му сметало,  вели директорот на штипската Клиничка болница.

На овој тендер, покрај реагенси за постоечките апарати, ќе се набават и реагенси за апаратот „Архитект“.

– Овој апарат е нов и ја чинеше болницата нула денари.  Реагенсите за него не се „жути реагенси“ како што милува да ги каже опозицијата, туку се реагенси од светски познатата компанија „Абот“. Кој ќе ги понуди и кој ќе ги добие апсолутно не ме интересира. Оној што ќе ги исполнува условите и кој што ќе понуди најприфатлива цена, со што ние ќе оствариме заштеда, вели Георгиев.

Тој кажа дека тендерот за стентови е завршен и договорите скоро ќе се потпишат. Оваа година ќе добиеле 939 стентови, со буџет поголем за 10 милиони денари поголем.

Во моментот во штипската болница со коронавирус има хоспитализирано шест пациенти, тројца од Кочани, и по еден од Штип, Берово и Пехчево.