Макпрогрес и Дониа со донација од 300.000 денари за почеток на тестирања на Ковид 19 во Центар за јавно здравје Битола – ММС
ММС

Објавено на: 05/11/20 12:26 PM

Макпрогрес и Дониа со донација од 300.000 денари за почеток на тестирања на Ковид 19 во Центар за јавно здравје Битола

Одговорноста на секој поединец, организација и институција во овие вонредни услови е повеќе од потребна. Ова е посебно важно кога животот и здравјето на сите нас е во прашање.

Вакво е размислувањето на менаџерскиот тим на компанијата Макпрогрес од Виница, која заедно со Дониа од Прилеп како одговорни чинители во оваа наша заедница, позитивно одговори на барањето на ЈЗУ Центар за јавно здравје од Битола за донација на финансиски средства. Целта е обезбедување на услови за почеток со тестирања за детекција на присуство на Ковид 19.

-Како никогаш до сега сме исправени пред предизвикот кој нанесува огромна штетa и човечкa и материјалнa. Последиците со кои се соочуваме но и допрва ќе се соочуваме од нас бараат да се бориме сите заедно и да создадеме побезбедни услови за живот и работа. Нашата грижа не е само за нашето Макпрогрес семејство кое брои над 700 членови, туку и за сите оние кои живеат во нашата држава.Оттука нашата одлука да ја потпомогнеме ЈЗУ Центар за јавно здравје од Битола во висина од 300.000,00 денари со цел обезбедување на услови за почеток со тестирања за детекција на присуство на Ковид 19, соопштуваат од Макпрогрес и Дониа.

Од корпорацијата напоменуваат дека со оваа донација ќе помогнат на Центарот за јавно здравје од Битола, како превентивна здравствена установа и дијагностика, во реализација на напорите да обезбеди услови за почеток со тестирања за детекција на присуство на Ковид 19 во нивната молекуларна микробиолошка лабораторија.

-Придобивките од почетокот на тестирањата се од големо значење за животот и здравјето на населението од регионот што го покрива ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола (Битола, Кичево, Ресен и Демир Хисар), како и за воспоставување, колку што тоа е можно, нормално функционирање на сите субјекти во овој регион.Од нас зависат многу работи, од тоа како се однесуваме, дали ги  почитуваме препораките и дали сме одгoворни пред себе и пред другите околу нас,сметаат од Макпрогрес и Дониа.

#ОдНасЗависи

 

За компаниите:

Макпрогрес доо е успешна интернационална компанија, лоцирана во источниот дел на Македонија. Од мал семеен бизнис основан во 1990 година, Макпрогрес прерасна во еден од водечките производители на кондиторски производи во Југоисточна Европа извоз во повеќе од 55 земји во светот.

Дониа е кондиторска компанија основана во 2001 година со седиште во Прилеп. Компанијата е специјализирана за производство на висококвалитетни традиционални деликатеси како алва, локум како и Bakehouse домашни колачиња. Задоволство и уметност во уживањето на традиционални производи со препознатлив квалитет.