„Шоуто мора да продолжи”, но како? – беше темата на денешниот прв работен онлајн состанок на раководствата на трите најголеми сродни национални институции од регионот, кои го негуваат музичко-сценскиот фолклор, со цел побрзо справување со актуелната состојба и подготовка за безбедно враќање на работа на уметниците во ансамблите.
Имено, пандемијата предизвикана од Коронавирусот, како што ги засега останатите сфери од живеењето на сите жители на планетата, ги стави во застој и делувањата на сите институции од областа на културата. Заради ваквата состојба на мирување и физичка и уметничка апстиненција, последиците од неа, но и грижата за времето и начините на враќање во новата „нормала”, денеска на иницијатива на НУ „Танец” се одржа првиот онлајн состанок од планираните неколку такви, меѓу раководствата на трите најголеми сродни национални институции од регионот, кои го негуваат музичко-сценскиот фолклор, српскиот „Коло”, хрватскиот „Ладо” и македонскиот „Танец”. На средбата, како претставници на „Коло” од Србија учествуваа директорот Владимир Декиќ и организаторот Страхиња Бошковиќ, а „Ладо” го претставуваа директорката Илеана Јурин-Бакотиќ и уметничкиот раководител на танцовиот ансамбл Крунослав Шокац. Од македонска страна, говореа уметничката раководителка на „Танец”, Бранка Костиќ-Марковиќ и раководителот на играорниот кор на ансамблот Марјан Андоновски. За жал, иако вклучен од самиот почеток на иницијативата, актуелниот директор на „Танец”, Мартин Вучиќ, не присуствуваше на овој прв онлајн состанок, заради неодамнешната загуба на близок член од семејството.
Впечатокот на сите соговорници беше дека овој начин на здружено барање решенија за надминување на проблемите во заедничката сфера на делување е од непроценливо значење и сите безрезервно ја поздравија иницијативата. А на средбата се разговараше по неколку приоритетни прашања. На почеток, секоја институција реферираше за своите тековни активности во време на изолација и акциите за анимирање на публиката со онлајн емитување на концерти, видео туторијали за учење на фолклорните танци од репертоарот на ансамблите и споделување на разни вести, занимливости и архивски материјали поврзани со дејноста на институциите, преку популарните социјални мрежи. Потоа, едногласно беше истакнато дека најголем предизвик со најмногу неизвесности е секако отпочнувањето на безбедната работа на сите вработени во ансамблите, но посебно на танцовиот оддел, заради неминовната колективната интеракција меѓу голем број на учесници, а со почитување на сите препорачани мерки за физичка дистанца. Во таа смисла беа дискутирани подготвителните кондицициски тренинзи во мали групи на отворено, гарантирањето на безбедни услови за изведба на истите, можната работа на смени на затворено и обезбедувањето на секојдневна неколкукратна дезинфекција на просториите.
Подоцна, на дневниот ред дојдоа и размислувањата за формите на концертирање на отворено, големите ограничувања на настапи во затворени сали, проблемот со веројатниот скептицизам и кај уметниците и кај публиката за учество на концертите и сите можни сценарија за јавни настапи во услови на различни рестриктивни мерки условени од генералниот тек на настаните во секоја земја поединачно, но и во однос на глобалната состојба. Притоа, не смее да се заборават и оригиналните традиционални носии кои во зависност од концептот на сценското претставување ги менуваат меѓусебе многу членови на ансамблите и кои бараат посебни услови на чување и дезинфекција.
На крајот беше разговарано и за најделикатниот сегмент, програмата и репертоарот на новите претставувања, кои директно задираат во природата на материјата со која се занимаваат институциите, а тоа е фолклорната традиција. Сите беа согласни дека на тој план не смеат да се направат отстапки кои ќе ја сквернават традицијата и директно ќе се одразат на естетиката и стилот на фолклорните творби. Во сите три култури доминира колективната форма на изразување и камерното претставување на игрите не може да биде опција. Оттука, размислувањата на сите учесници на состанокот беше дека првите јавни настапи на институциите треба да се насочат кон вокални и инструментални концерти во помал обем и тие да се случуваат главно на отворено. Но, за да може да се дојде до оваа фаза, прво треба владите и ресорните министерства да овозможат и да гарантираат безбедни услови за отпочнување со работа на овие, од многу аспекти, специфични и комплексни колективи од областа на културата.
Резимето од овој состанок беше дека, иако не беа донесени некакви револуционерни решенија и дека на многу прашања сѐ уште не можат да бидат дадени одговори, сепак е голем успех и самото покренување на истите и подготвеноста за изнаоѓање на заедничка стратегија и оптимални решенија за постапно враќање на работа на овој вид на ансамбли, но и за можните нови форми на сценско претставување.