Целта на Премиерлигашите е враќање на тренинзите во помали групи на 18 мај, затоа и беа повикани сите фудбалери кои за време на пандемијата ги напуштија границите на Англија, да се вратат назад и да започнат со подготовки. Но, „фелата“, или барем добар дел од неа, не се согласува и изразува загриженост за можниот брз рестарт на најдобрата светска фудбалска лига.
Според „Скајспортс“ четворица клупски доктори имале длабока резервираност за овој план и здравствената безбедност по неговото спроведување. Проектот „рестарт“ налага посебен протокол за тестирање на сите играчи и стручни штабови двапати неделно, пред започнување на тренинзите и влегувањето во тренинг камповите.
Челниците на Премиер Лигата минатата недела го презентираа овој предлог на сите 20 екипи во лигата и побараа стручно мислење од лекарите и медицинските лица од сите клубови.
Четворица доктори го оспориле предлогот, а за нивните прашања ќе се разговара следниот понеделник, ден по одлуката на Владата за продолжување или прекинување на целосниот „локдаун“ во земјата.
Во секој случај, мислењата се поделени. Доктор Мичел Д’Хог, раководител на медицинскиот комитет на ФИФА, за „Скајспортс“ минатата недела изјави дека светот во моментот не е подготвен за компетитивен фудбал, но исто така изрази и надеж за брза промена на ситуацијата и побара поголемо трпение.
Премиерлигашките тимови остануваат доследни до заложбата за финиширање на 2019/20 сезоната, но тоа ќе биде возможно само доколку се обезбедат 8-10 неутрални стадиони, кои нема да ги прекршат сите прописи и протоколи и ќе одговараат на потребите на здравствените власти.