Мислам дека веќе сме во период кога ризикот од наплив на голем број новоинфицирани пациенти го поминавме, но тоа не значи дека не треба и понатаму да се придржуваме до дадените препораки за заштита од Ковид-19, напротив, истакна во интервјуто за МИА директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, Милена Стевановиќ
Вие сте во првите борбени редови во борбата против коронавирусот. Како се справувате?
– Условите во кои работиме се посебни, никој не искусил ништо слично, наша должност е да бидеме професионални, посветени, со повеќе грижа и трпение од кога било, како за болните така и за здравите и загрижени. Тука сме и на ниво на задачата што ни е дадена, поддршката од целиот здравствен систем, колеги, но и народ е од огромна помош да останеме исправени до крајот.
Дали имате доволно персонал, со оглед на тоа што досега генерално на Клиниката имаше недостиг од медицински персонал? Колку вработени се стручни да се справат со оваа состојба?
– Медицински персонал секогаш ни недостигал, сега повеќе од кога било, но помошта од колегите, средномедицинскиот кадар и помошен персонал од другите клиники кои се дојдени на помош ги задоволува потребите. Вистина е и дека секогаш има работа за уште еден пар раце. Симбиозата на различните експертизи во мултидисциплинарни тимови е неопходна за ефикасно следење на пациентите. Пациентите се повеќе коморбидитети и потреба од различни специјалности е голема.
Државата засега успешно се справува со заразата, нема преоптоварување на здравствениот систем. Дали е надминат ризикот од можен голем бран заболени?
– Мислам дека веќе сме во период кога ризикот од наплив на голем број новоинфицирани пациенти го поминавме, но тоа не значи дека не треба и понатаму да се придржуваме до дадените препораки за заштита од Ковид-19, напротив. Мерките се во сила и секој поединец мора да се придржува до нив за направените проценки да бидат точни.
Дали имате доволно заштитна опрема, лекови и медицински препарати?
– Засега имаме сè што е потребно да се заштитиме, како и лекови и потрошен медицински материјал. Континуирано се надополнуваат количините од сè што ни треба.
Дали сте задоволни од соработката со Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје, здравствените установи во другите градови… како и сите инволвирани во процесот?
– Соработка со колегите од Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје, здравствените установи во другите градови секогаш сме имале, зад нас се искуства од повеќе различни состојби и епидемии, кои сме ги поминале заедно во исклучително добра соработка, Министерството за здравство е сервис што континуирано нè следи во сите потреби и ефикасно нè поддржува.
Веќе се оздравени речиси 1.000 пациенти. Од досегашните искуства, колку е најкраткиот период, а колку најдолгиот за излекување од Ковид-19? Колку во просек трае лекувањето?
– Лекувањето е подолго, просекот е околу 14 дена, но и многу подолго, пациентите се лекуваат индивидуално со блиско следење на нивните потреби. Некои пациенти и по добивање на два негативни резултати имаат потреба да го продолжат лекувањето, некои се испишуваат и со позитивен брис, практично здрави, иако таквите се многу поретки.
Каква терапија најчесто употребувате за лекување од коронавирусот?
– Специфичен лек што дејствува директно на вирусот не постои, ние ги користиме сите алтернативи од кои пациентите би можеле да имаат бенефит, се разбира прецизно, следејќи ги препораките. Се следи секој орган, виталните параметри и соодветно се реагира со терапија што би можела да помогне. Лекувањето е многу комплексно и имањето мултидисциплинарни тимови како нашите е од огромно значење за следењето на болните.
Дали е сè подготвено за лекување со крвна плазма?
– Конвалесцентна плазма е опција за лекување исто така, во светот имаат одредени успеси, Институтот за трансфузиона медицина направи сè за да се овозможи и оваа опција, има и многу оздравени луѓе кои несебично ја нудат својата помош за болните, подготвени се повеќе дози за апликација.
Дали има разлика од аспект на возраст кои органи се најзагрозени, бидејќи беше наведено дека коронавирусот не ги напаѓа само белите дробови? Дали воопшто има некаква поврзаност со возраста и полот?
– Поврзаност меѓу половите не согледувам, но возраста има сериозно влијание, како и другите коморбидитети во исходот и текот на болеста. Кај најтешките пациенти се следи мултиорганско зафаќање, белите дробови, црниот дроб, срцето, бубрезите, панкреасот, па и централниот нервен систем.