Лажните вести се поопасни од пандемијата, Филипче ги пофали новинарите за Мегународиот ден на слободата на медиумите – ММС
ММС

Објавено на: 05/3/20 8:49 AM

Лажните вести се поопасни од пандемијата, Филипче ги пофали новинарите за Мегународиот ден на слободата на медиумите

Денеска на Меѓународниот ден на слободата на медиумите министерот за здравство, Венко Филипче упати искрени честитки и огромна благодарност  на новинарите за, како што вели,  влогот во справување со борбата со ковид-19.

–  Од првиот ден кога, како земја, се соочивме со вирусот кој го промени животот на милиони луѓе ширум светот, бевме уверени дека само точна, навремена и транспарентна комуникација може да придонесе во сузбивање на стравот и паниката кај граѓаните и подигнување на јавната свест. Паралелно со справување со пандемијата, светот се бори и со дезинформации и лажни вести, кои во вакви услови можат да бидат поопасни и од самата пандемија. Од друга страна, точните информации и известувањето базирано на факти се лек за човештвото и единствен начин да се добијат големите битки, рече Филипче и додаде:

„ Во едно вака комплексно опкружување, вие медиумите и медиумските работници сте повеќе од спрега помеѓу институциите и јавноста. Вие сте партнер кој рамо до рамо со институциите имате важна улога во справување со кризата. Одговоривте професионално на предизвикот и покажавте дека сте на висина на задачата и за тоа сум ви искрено благодарен. Отворени институции, слобода на медиумите, фер и транспарентно известување е кодекс кој треба да го следиме во криза, но и во мирнодобски услови. Само така потврдуваме дека сме посветени на демократските вредности и дека водиме грижа за еден од основните столбови на демократијата“, се вели во честитката на министерот.