Најдобрата клупска фудбалска лига во светот, Премиер Лигата, мора да се врати на стадионите и пред малите екрани, консензуално одлучија сите 20 екипи на вчерашниот одржан состанок.
Конкретните чекори кои треба да се преземат по ова прашање, ќе почекаат до следната недела, кога Владата ќе одлучи дали ќе продолжи карантинската состојба во државата или животот полека ќе се враќа во нормала. Доколку падне одлука за повлекување на карантинот на ниво на целата земја, екипите полека ќе се подготвуваат за рестартирање на сезоната.
Враќањето на стандардните тренинг рутини ќе зависи и од советите на медицинските лица, само со нивна дозвола играчите, тренерите и фудбалските работници ќе смеат да зачекорат на зелените тревници. Владина медицинска работна група ќе биде создадена и ќе врши надзор на сите протоколи и процедури во врска со заштитата од Ковид-19.
Челниците на клубовите уште еднаш одлучни се за финиширање на сезоната, бидејќи како што велат, интегритетот на натпреварувањето и имиџот мора да бидат заштитени. Тие исто така ја пофалија отвореноста за соработка на властите.
Проектот „Рестарт“ ќе значи и губење на предноста на играње на „домашен терен“. Сите потенцијални мечеви ќе се одиграат на неутрални стадиони кои допрва ќе бидат одредени, исто како и датумите, иако во јавноста кружи веста дека 12 јуни е датумот за големото враќање на англискиот фудбал.