Растев со скромни трпези и во радост-Одблизу со Зарина Првасевда, дефектолог по професија, пејачка по вокација – ММС
ММС

Објавено на: 06/12/22 12:00 PM

Растев со скромни трпези и во радост-Одблизу со Зарина Првасевда, дефектолог по професија, пејачка по вокација

Зарина Првасевда е псевдонимот зад кој се потпишува младаат девојка со славејски глас, која јавноста ја запозна преку уникатните изворни песни отпеани од неа во планинското ехо.

Зарина за музиката вели дека не и само љубов, туку и живот. Ќе каже дека откако знае за себе музиката и е најдобар пријател, утеха, радост, прегратка, насмевка, ѕвезда водилка. Вели најсреќна ќе е, ако нејзината песна така комуницира со слушателот.

„Распукала Шар планина“ беше песната која таа ја отпеа на 2469 надморска височина на Караниколички езера на Шар планина, и предизвика позитивни реакции во јавноста. А потоа се нижеа „Ој Зарино Првасевдо“ на Кајмакчалан, „Билбил пее во планина“ на Баба планина.

[youtube https://www.youtube.com/watch?v=nl9HIlUhq4U]

Песна „Ој Зарино Првасевдо“ инспирација за Евгенија Здравеска публиката да ја знае како таква. Вели дека не сакала да му даде моќ на своето име и презиме, и се додека на луѓето им се допаѓа, ги топли и инспирира за тоа што и излегува од душата не е ни важно како ќе се вика.

ММС: Зошто Зарина Првасевда, а не Евгенија Здравеска?

Зарина Првасевда: Многу поодамна пред да излезат видеата или било што друго, на мојот личен Facebook  профил името ми беше Зарина Првасевда. Го избрав, како синоним за музиката која живот ми значи, (од песната Ој Зарино Првасевдо) , па решив и да не го променувам во текот на овој мој музички пат.

ММС: Од каде потекна идејата за отпеаните изворни македонски песни во ехото
на планините?

Зарина Првасевда: Па искрено немаше идеја. Навистина сум среќна и благословена, што преку тие неколку видеа во планината, луѓето имаа можност да имаат вистинска, искрена средба со најчистото во мене и музиката која инстиктивно ми доаѓа а тоа пак,  да им ги допре срцата. Тоа се видеа, кои ги снимаа моите другари планинари,  со обичен телефон, кои мислев дека ќе си останат само во нашите планинарски дневници. Но, ете… Јас верувам дека се се случува со причина, во право време и на право место. Кога за прв пат ја слушнав Билбил пее, ставена на Facebook без да знам, веднаш налутено се јавив кај другарот, да ја тргне. Но додека да се разбереме телефонски, видеото веќе имаше неколку илјади прегледи , коментари и споделувања и веќе немаше поента да правиме било што. Сега, една година подоцна, ја разбирам и лекцијата од сето тоа . Сите ние сме жедни да слушниме, да видиме нешто што доаѓа длабоко од срцето. Затоа што се поретко гледаме и  слушаме такви соджини, а тие најсилно допираат.

ММС: Кога ќе се стави на вага љубовта кон музиката или љубовта кон планините
ќе преовладува?

Зарина Првасевда: Не би рекла дека овие две нешта би можела да ги ставам на вага. Музиката ми е живот, а планината и природата ми е домот. Поврзани се и исплетени, постојано си се надополнуваат и се прегрнуваат. Природата ме инспирира, а музиката ме води, ми го покажува патот низ дуњава.

ММС: Досега те слушавме со изворни македонски песни кои можеби никогаш не сме
ги слушнале, отпеани од тебе, но за прв пат твоја студиска изведба на „Мори моме
солуненке“ како најава за првиот твој албум „Билбил пее во планина“. Има
доста познати и докажани музичари кои се потпишуваат зад ова ремек дело.
Како се создаде приказната?

Зарина Првасевда: Се беше сосема спонтано. Кога човек си ги мести коцките во главата, точно знае што сака од себе и животот и силно верува во тоа , целиот Универзум и сите околности се местат во насока на доброто на таа идеја. Така беше и со овој проект. Случајно ме контактираше и го запознав Александар Петров ( авторот на аранжманите) , а тој покрај што е извонреден перкусионист, веќе имаше соработувано со некои од музичарите со кои јас сакав да работам  а се чинеше апстрактно во тој момент, со оглед на тоа дека некои од нив имаат интернационални кариери и се врвни професионалци во сверите во  кои работат,  и некако се споија моите желби со околностите и еве сме, со Солуненка како прво чедо, а едвај чекам да ги споделам останатите десетина. Инаку во албумот се појауваат : Васил Хаџиманов, Исмаил Лумановски, Ратко Даутовски, Благојче Трајковски, Дарко Фурнаџиски, Оливер Јосифовски, Гоце Димовски, Филип Михајловски , Дејан Цветковски, Оливиер Самулен како и Мануел Декок од триото Ана Кап.

[youtube https://www.youtube.com/watch?v=GXywOMS9qp4]

ММС: На кој инструмент свириш, а на кој би сакала да научиш да свириш?

Зарина Првасевда: Ги користам перкусиите многу често, тоа некако најприродно ми доаѓа, а и не ми смета да го правам истовремено со пеењето. Со текот на годините си направив своја мини колекција од бендири и дефови, како мои омилени звуци, но го правам тоа повеќе од љубов и желба отколку што навистина сум виртуозна во музицирањето. Кога би учела инструмент, веројатно би било уд или кемане, затоа што тоа ми се инструменти кои особено ми го галат срцето и комуницираат со мене на некои повисоки фреквенции.

ММС: Со која музика растеше?

Зарина Првасевда: Растев со музиката која сега ја правам. И не само што растев, туку и ја живеев затоа и толку интензивно ја чувствувам.  Многу добро го знам мирисот на ракатката тутун во 4 наутро, плускавците од мотиката, јадежот од заглавена чичка во маицата од тонгите слама кои ги вртевме со дедо ми, возење на запрежна кола со магаре кое се плаши да прерипа вир вода, а сум гледала и мерак преку браздите, лично. Растев со скромни трпези каде во радост со многу луѓе и оваа музика која ја пејам се прославувал некој верски празник, рожба на дете во комшилукот, гледање на свадби преку порта, јадење на баклава за Бајрам кај комшиите.

ММС: Има едно не пишано правило, дека обично музиката која ја слушаш е таа
која на некој начин станува твојот моден креатор. Каква облека преовладува во твојот гардеробер?

Зарина Првасевда: Кај мене е шарено.  Отсекогаш сум сакала многу бои и цветни дезени. Веројатно тоа е и во некоја корелација со шарнилото во мојот темперамент, карактер и боите кои со себе ги носам,  но како и да е шарена дефинитивно е мојата боја.

ММС: Имаш завршено дефектологија. Како ќе ја најдеш поврзаноста помеѓу оваа професија и со она што во моментов си актуелна, пеењето?

Зарина Првасевда: Јас сум голем човекољубец и емпат. Исто така неизмерно ги сакам децата, а образованието и психологијата ми се една од љубовите. Се запишав на дефектологија зошто верував дека имам што да дадам, на луѓето на кои навистина им е потребна љубов, поддршка и охрабрување. Истото е и со музиката. Музиката лекува, прегнува. Преку песната, само си ја раширив раката и прегратката и за оние на кои им требам а кои не можам физички да ги прегрнам, утешам, усреќам и охрабрам.


ММС: Следејќи ги твоите фотографии објавени на фан страницата на фејсбук, наидовме на една фотографија каде си фотографирана со крeaторите на филмот „Медена земја“ и таму како објаснување имаш напишано дека се крчка некој посебен филмски проект, за што станува збор?

Зарина Првасевда: Неодамна ме исконтактира продуцентот Александар Донев, кој ми ја следел страната и видеата, со многу интересна покана за соработка и за моја огромна радост , учествував во филмот „Виа Динарика – Македонските авантури“, филм за природните убавини на Македонија, каде режисер е Сергеј Георгиев, а пак камера работеше Самир Љума и Андреј Георгиевски. Филмот имаше премиера на планинскиот фестивал „Ехо“, која помина одлично, со преполна сала, луѓе кои стојат.  Во филмот се разбира пејам и тоа се кадри и животно искуство кои дефинитивно се бесценети. Навистина е голема  чест да си современик со креаторите на „Медена Земја“, а пак замислете да имате можност да стоите пред нивната камера.


ММС: Потекнуваш од малото, а сепак убаво место Демир Хисар. Колку често се
навраќаш во твојот роден крај?

Зарина Првасевда: Во последно време, се почесто. Демир Хисар е магична седелка од булки и гранки и зеленила, реки и потоци… Кога бев тинејџер, едвај чекав да заминам на студии. Ми беше некако тесно, како да ми требаше повеќе простор за да се развивам. Особено што немав можност да се запишам во средното музичко училиште во Битола , па морав тие 4 години да ги поминам во гимназијата таму, а тоа и не беше баш моја желба, па револтирано броев минути да наполнам 18 и да си заминам. Отсекогаш сакав да истражувам и бев постојано во движење. Дури режисерот во аматерскиот театар при домот на културата Илинден , каде членував ми даде надимак „живо сребро“- зошто никогаш не застанував. Но како поминуваат години , се повеќе го вреднувам и разбирам, тој мир таму, посебниот птичји пој, шумот на реките, чистината на пријателствата и не заклучување на надворешната врата.

ММС: Петре М. Андреевски верувам дека ти е голема мотивација. Омилен негов
цитат?

Зарина Првасевда: Петре М. Андреевски и тоа како е мотивација, затоа што е пример за човеково постоење кое е уметност само по себе. Секаде каде допрел со перото, таму позлатил. Многу сум среќна и горда што можам да кажам дека ние сме сограѓани.  Јас за жал не го запознав, но честопати татко ми ми раскажува анегдоти за нивните заеднички средби. Колку што е голем во литературата, толку бил и голем човек, што мене ми ја комплетира сликата за него во целост. Благословена сум што пак денеска, за свои пријатели и обожаватели ги имам потомството, семејството Андреевски, со кои честопати покрај телефонски, се состануваме во Слоештица за да го славиме Пирејот и да ја споделуваме својата родокрајна љубов.


Како што се вели крајот го краси делото, наместо со музичка изведба со потпис на Зарина Првасевда ќе завршиме со нејзиниот омилен цитат од големиот Петре М. Анреевски.

„Никаде да не одиш со грд човек. Со грд човек секаде ќе ти биде грда работата. Ќе си земеш некој убав човек со голема сенка и насекаде свртен. Од која страна да го погледнеш, оттаму да му се гледа лицето. На сите страни да има лице. И тој не мора ништо да зборува ами остави го само до тебе да стои. Покрај убавиот човек и ти ќе бидеш поубав. Оти се рекло: убавината секогаш изгледа невино иако најмногу гревови носи…Само убавината прави пазар.“

„Последните селани“