Според Зоран Даневски АД Џумајлија кога тој бил сопственик се развиваше и успешно работеше, а сега атрактивниот имот го раскрчмија локални моќници и ништо не работи, се’ е пропаднато.
– Винаријата ја зема Езимит, хотелот, адвокатот Бошков, лозјата Зегин…Политичкото инаетење на мојот брат Слободан и тоа што не прифатив да им ја дадам компанијата за џабе, го налутија ВМРО ДПМНЕ и ги уништија комбинатот и нашите семејства. Мене ме затворија, не’ оставија без имот и пари, ми ја земаа и семејната куќа, а децата ни ги избркаа по светот – вели Даневски, кој во штипскиот затвор лежи 4 години.
Тој бил единствениот бизнисмен кој заради стокови резерви добил затворска казна. Сите други злоупотреби и во Жито Вардар – Велес и во Живо Продукт – Свети Николе, Жито Прилеп, завршиле со условни пресуди и опомени.
– Мојата судбина и моите поуки треба да ги слушне секој за да не се залетува во грандиозни, големи проекти и пари. Нема ништо поважно од семејството – порачува Даневски во емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77.
Даневски од затвор: Ми беше побарано за ништо пари да ја предам „Џумајлија“
Поранешниот сопственик на Агрокомбинатот „Џумајлија“ Зоран Даневски, ексклузивно за емисијата Стадион на Канал 77 од затворот во Штип, каде издржува 11 годишна казна затвор, сведочи како ја загубил фирмата. Даневски вели дека настрадал во политичка игра на тогашната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ, во 2010 година. :Добив лично предупредување и рекоа најдобро е брат ти да ја повлече кандидатурата. Пресудно беше инаетењето на брат ми и тоа што не прифатив за ништо пари да ја предадам фирмата. Политичката игра ја гледам во одлуката на брат ми, кој беше пратеник во Парламентот, кога реши да се кандидира за градоначалник како независен кандидат против ВМРО ДПМНЕ, иако како пратеник, беше во коалиција со оваа партија. Откако ги изгуби изборите, работите тргнаа во негативна насока. Пред тоа фирмата функционираше како треба и на никого не му пречеше тоа и што имаше над 1000 вработени. Нормално, како и секоја фирма и нашата имаше кредити, но откако и’ ја земаа лиценцата фирмата падна на колена, а главниот извор на средства беа виното и земјоделските производи. Успееја да ја растурат фамилијата, да ја растурат фирмата и се’ друго, вели Зоран Даневски.
Поранешните вработени пак, тврдат дека Даневски трошеле повеќе од што заработуваат, додека потплатените луѓе од власта и институциите, се држеле настрана. Во целиот проект, како што велат, во спрега се и банките, бидејќи велат дека Даневски имаат земено кредит за да купат акции, иако законот тогаш не дозволуваше купување на државни акции со хипотеки ни позајмици и на тоа никој не реагирал.
Сепак, се чини, како што е дадена, така е земена компанијата. Само што колатерална штета беа 500 редовно вработените и над 450 сезонски работници. Даневски беше осуден за манипулација за стоковите резерви. Во силосите на „Џумајлија“ се чуваше државното жито вредно 1,5 милиони евра, кое при инспекциите, беше утврдено дека го нема.
-Моите моќни пријатели ми завртија грб. Јас сум еден од ретките или единствен кој беше осуден за стоковите резерви. Во исто време имаше проблем со стокови резерви во Велес – Жито Вардар, Жито Прилеп, Жито Штип, Жито Радовиш, Куманово. Жито Продукт – Свети Николе – истиот обвинител што мене ме теретеше, го ослободи претходниот директор на Жито Продукт. Ова покажува дека нашето судство е диригирано судство. Ако некој се нафрли на некого секако ќе биде зад решетки, затоа што најголемиот проблем во земјата, потекнува од судството. Јас сум свесен дека судиите се како и сите ние, арно ама, професионалнизмот нека си го запазат до некои нормални граници. Жито Велес имаа недостаок од 13-14 милиони жито, а заврши со условна осуда. Ги имам сите нивни пресуди, според кои обвинителот се повлекува и се задоволува со условна осуда, објасни Даневски за Канал 77.
Комбинатот како некогашна успешна целина не постои.
-Интересното е што најпрофитабилните центри на ова АД завршија во рацете на „Бетон – Штип“ и луѓе поврзани со „Бетон – Штип“. Винарската визба отиде во рацете на „Езимит“ (сопственик е Зоранчо Митров, акционер во Бетон Штип), хотелот „Овче Поле“ кај Сашо Бошков (неизвршен директор на „Бетон – Штип“), 450 хектари лозови насади кај фирмата „Зегин“ а потоа кај некоја фирма за обезбедување, изјави Даневски.
Правниот субјект АД „Џумајлија“ и по 12 години и натаму е во стечајна постапка.