Излетничките места во гевгелиско празни за празникот на трудот – ММС
ММС

Објавено на: 05/1/20 11:45 AM

Излетничките места во гевгелиско празни за празникот на трудот

За првомајскиот викенд излетничките места во Гевгелија и поблиската околина на градот, како никогаш досега, се празни. Наместо сликата од претходната година, кога на денешен ден се бараше место повеќе да се помине денот во природа, денеска е пусто.

И покрај тоа што забраната за движење почнува од 14 часот, гевгеличани процениле дека немаат доволно време затоа што додека да стигнат до излетничките места ќе треба да се враќаат и назад.

Го нема џагорот, не се слуша музика, мируваат детските лулашки и разни реквизити за игра, нема распалени скари на терените на Негорските минерални бањи и традиционалните излетнички места Динќут и архиолошкиот локалитет Вардарски рид кое некогаш беше култно место за собирање на гевгеличани.

Ова претставува потврда дека жителите на општина Гевгелија, каде во моментов нема регистрирани пациенти заразени од Ковид-19 доследно и примерно ги почитуваат препорачаните мерки за заштита од ширење на коронавирусот, што синоќа на состанок на општинскиот кризен штаб беше резимирано и од страна на градоначалникот Сашо Поцков. Тој изрази благодарност до граѓаните кои покажуваат висок степен на дисциплинираност во борбата со пандемијата.