Средствата кои се планирани за набавка на делови за машината за метење од страна на штипското комунално претпријате „Исар” не се потрошени, какошто тврди опозициската ВМРО ДПМНЕ, информираше на денешната прес-конференција, градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.
– Апсолутно тврдам, туку дека се набавени само за 30 до 40.000 денари. Тоа е набавка за потрошен материјал на метларката. Тоа се метли и филтри за возилото, коишто се потрошен материјал и се користат при користење на ова возило, вели Бочварски.
Тој забележа дека ова возило за метење на улиците изминатиот период е максимално искористено, како дел од акциите за чистење и дезинфекција на штипските улици.
Бочварски апелираше до опозициската ВМРО ДПМНЕ наместо какошто вели да се занимава со манипулации на јавноста и вадење од контекст на одредени договори да проверат во своите редови, зошто поранешните членовите на Управниот одбор на ЈП „Исар” имаат судски спорови и побарувања од ова претпријатие.
– Имаат судски спорови, заради тоа што самите си ги покачиле паушалите, како членови на УО на ЈП „Исар”, а пороади тоа што ЈП „Исар” не се согласило да исплаќа високи паушали, тие преминале кон тужби. Денеска голем дел од тие тужби се завршени, а досега во изминатите неколку месеци се исплатени 680.000 денари, од страна на ова раководство и на ова јавно претпријатие, вели Бочварски.
Директорот на ЈП „Исар” – Штип, Живко Тасев вели дека по основ на овие тужби на членовите на поранешниот Управен одбор останува да се исплатат уште речиси еден милион денари од сметката на комуналното претпријатие.
Бочварски и Тасев ги повикаа овие членови на поранешниот Управен одбор да се откажат од овие средства, какошто и тие како функционери по одлуката на Уставниот суд донеле одлука да земат минимална плата од 14.500 денари, а остантите средства од нивната плата да ги донираат во фондот за донации против ширење на Ковид 19.
По прес-конференцијата на Бочварски и Тасев пристигна и одговор од Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ – Штип во кој се вели дека ако имало нешто незаконско, немало Основниот и Апелациониот суд да го прзинаат долгот, како основен.
– Па сега поради тој факт сегашното раководство ќе треба да одговара кривично, бидејќи му нанело штета на на претпријатието од 600.000 денари. Јавното претпријатие треба да е тука за граѓаните, да не разликува плаво или црвено и без разлика на раководството, побарувањата и обврските треба да се сервисираат се вели во соопштението од ОК на ВМРО ДПМНЕ-Штип.
Тие посочуваат дека и сегашните членови на Управниот одбор земаат исто толкав надоместок, какошто било покачувањето во 2014 година.
МИА