Проект „Џумајлија“ со кој Браќата Даневски од регионални моќници станаа затворски станари – ММС
ММС

Објавено на: 04/30/20 6:02 PM

Проект „Џумајлија“ со кој Браќата Даневски од регионални моќници станаа затворски станари

12-та година изминува од отворањето на стечајот во некогаш моќниот и богат државен агрокмбинат, Акционерско друштво „Џумајлија“ од Лозово. Житото и виното од цело Овче Поле и пошироко до Тиквешијата, завршуваа во „Џумајлија“, од каде живееја близу 1000 семејства од Велешко до Штипско. За пошироката јавност, тоа е просторот каде индискиот милионер Субрата Рој сакаше да одгледува 8000 крави и да посее 5.400 хекари со вработување на 900 работници. По апсењето на Индиецот Рој, плодната овчеполска житница со години стоеше необработена, се’ до годинава, кога државата го даде под концесија. Во стечајната постапка некогаш профитабилните капацитети добија нови сопственици. Последните сопственици на големиот агрокомбинат, кои од 2001 до 2011 години се мнозински акционери –  браќата Зоран и Слободан Даневски завршија во затвор. Двајцата, кои во комбинатот влегоа преку купување на државните акции, преку процесот на приватизација на општествениот капитал, се осудени за делата „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и за „Затајување на данок“.

Постариот брат – Слободан, поранешен пратеник и градоначалник на Свети Николе, сега е слободен човек и живее во Скопје. Помалиот, Зоран, поранешен директор на Ветеренираната управа на Македонија,  веќе петта година издржува казна во затворот во Штип, откако беше екстрадиран од Бугарија, каде беше во бегство четири години. Во затвор треба да остане уште повеќе од шест години, до 2027 година. Зоран Даневски кај себе има шест правосилни пресуди и уште една што ја спори.

Од Основниот суд од Штип ни доставија девет пресуди за делото „Злоупотреба на службената положба и овластување“ според член 363 од Кривичниот закон и три пресуди за делото „Затајување дакон“ според член 279 од Кривичниот закон. Освен една условна, сите пресуди се осудителни,  со казна затовор од шест месеци до пет години. Вкупно пресметаниот затвор според пресудите, од кои некои се повторени, е 14 години. Ова се пресудите и досудената казна само од штипскиот суд, додека во изминатите години на Зоран Даневски му се судеше и во Основниот суд во Свети Николе.

Судот преку пресудите утврдил дека Даневски, како генерален менаџер во „Џумајлија“, давал позајмици на сопствената фирма, преку која докупувал акции, со што станал мнозински акционер. Во друга пресуда судот констатира дека Даневски сторил криминал со тоа што  од „Џумајлија“ отстапил „стока, механизација и недвижен имот на неговата фирма, со што се одлеале над 610.000 евра. Во една од пресудите, Даневски е осуден за  одлевање на пари кон неговата фирма „Зоки 28“ преку цесии, преку кои наплатувал долг од странски фирми од Србија, Бугарија и Грција, ама парите завршиле во неговата фирма од Свети Николе. Индикативна е пресудата за злоупотреба на службената положба на Даневски како генерален директор во Џумајлија,  кога две луксузни возила, кои биле земени на лизинг од страна на Агрокомбинатот Џумајлија, на шест рати пред завршување на отплатата, престанало плаќањето, иако правниот субјект се уште бил во финансиска моќност, по што лизинг компанијата си ги зема и потоа ги дава на продажба. Возилата ги купува приватната фирма на Зоран Даневски, „Зоки 28“, и тоа со позајмица од Агрокмбинатот „Џумајлија“.

Меѓутоа, клучното дело кое го потврдува Основниот суд во Штип се однесува на земањето на кредит од банка  од страна на Агрокомбинатот „Џумајлија“, па потоа давање на позајмица на приватната фирма „Зоки 28“, во време кога Зоран Даневски бил директор, а неговиот брат Слободан, претседател на Управниот одбор.

„Која позајмица обинетиот Зоран Даневски како заемопримач ја искористил за откуп на акциите на АД „Џумајлија“, кои се државна сопственост ,со што обвинетите ТД за ветеринарни услуги „Зоки 28“ прибавиле имотна корист“, пишува во пресудата на Основниот суд Штип од 09.11.2018 година. Зоран Даневски за ова дело е осуден на две години затвор.

Како се купувале акциите?

Со оваа позајмица, Даневски докупува уште 42 отсто од акциите и заедно со претходно купените 25 отсто, станува мнозински акционер. Даневски тврди дека тој и братот Слободан за акциите платиле над два милиони тогашни германски марки. Малцинските акционери долго време се обидуваа да докажат дека парите со кои ги купија акциите и ја презедоа компанијата, не се нивни, туку биле подарок од тогашната власт за кревањето на два прста на тогашниот пратеник Слободан Даневски за опстанок на владата на Љубчо Ѓеоргиевски.

-Тие немаат вложено ништо сопствени пари.  Парите се од АК „Џумајлија“. Беа занесени. Едниот беше пратеник, другиот директор на Ветеринарна управа и мислеа дека никој ништо не им може, дека се држава и се’. Работата беше во менаџерскиот тим . Не сакаа да соработуваат со претходното раководство. Само што ги вративме долговите кон банките. Тие, „Џумајлија“ ја зедоа „чиста“, со милион и 700.000 марки вино во винарска визба. Тоа е од незнаење и недомаќинско работење, изјави Трајче Ѓеоргиевски, еден од малцинските акционери.

Вработените долго време водеа судски спор и по цели 12 години успееја да наплатат дел од заостанатите плати и придонеси.

Зоран Даневски има признато вина за делата, што е нотирано и во пресудите. Сепак, тврди дека дека тој и неговиот брат биле жртва на политиката. Од затворот од Штип, од каде остваривме телефонски разговор, Даневски објасни дека работите оделе добро се’ до 2010 година, кога министерот за земјоделство (Љупчо Димовски од ВМРО ДПМНЕ)  со цел да ги смири побунетите лозари, од него побарал да го откупи целото неоткупено грозје од неготинско – кавадаречкиот крај. Грозјето било откупено, виното произведено, но една година подоцна,  останало непродадено, бидејќи немало пазар, а со тоа и лозарите не биле исплатени. Истиот министер ја одзеде лиценцата на „Џумајлија“ за откуп на грозје,со што ја оставил фирмата без основната дејност, по што почнале кривичните пријави.

Даневски вели дека се’ се врти околу одлуката на неговиот брат Слободан, да ја напушти коалицијата на ВМРО ДПМНЕ.

– Политичката игра ја гледам во одлуката на брат ми, кој беше пратеник во Парламентот, кога реши да се кандидира за градоначалник како независен кандидат против ВМРО ДПМНЕ, иако како пратеник, беше во коалиција со оваа партија. Откако ги изгуби изборите, работите тргнаа во негативна насока.  Пред тоа фирмата функционираше како треба и на никого не му пречеше тоа и што имаше над 1000 вработени. Нормално, како и секоја фирма и нашата имаше кредити, но откако и’ ја земаа лиценцата фирмата падна на колена, а главниот извор на средства беа виното и земјоделските производи. Пресудно беше инаетењето на брат ми и тоа што не прифатив за ништо пари да ја предадам фирмата. Успееја да ја растурат фамилијата, да ја растурат фирмата и се’ друго, вели Зоран Даневски.

Поранешните вработени пак, тврдат дека Даневски трошеле повеќе од што заработуваат, додека потплатените луѓе од власта и институциите, се држеле настрана. Во целиот проект, како што велат, во спрега се и банките, бидејќи велат дека Даневски имаат земено кредит за да купат акции,  иако законот тогаш не дозволуваше купување на државни акции со хипотеки ни позајмици и на тоа никој не реагирал.

Сепак, се чини, како што  е дадена, така е земена компанијата. Само што колатерална штета беа 500 редовно вработените и над 450 сезонски работници. Даневски беше осуден за манипулација за стоковите резерви. Во силосите на „Џумајлија“ се чуваше државното жито вредно 1,5 милиони евра, кое при инспекциите,  беше утврдено дека го нема.

-Моите моќни пријатели ми завртија грб. Јас сум еден од ретките или единствен кој беше осуден за стоковите резерви. Во исто време имаше проблем со стокови резерви во Велес – Жито Вардар, Жито Прилеп, Жито Штип, Жито Радовиш, Куманово. Жито Продукт – Свети Николе – истиот обвинител што мене ме теретеше, го ослободи претходниот директор на Жито Продукт. Ова покажува дека нашето судство е диригирано судство. Ако некој се нафрли на некого секако ќе биде зад решетки, затоа што најголемиот проблем во земјата, потекнува од судството. Јас сум свесен дека судиите се како и сите ние,  арно ама, професионалнизмот нека си го запазат до некои нормални граници. Жито Велес имаа недостаок од 13-14 милиони жито, а заврши со условна осуда. Ги имам сите нивни пресуди, според кои обвинителот се повлекува и се задоволува со условна осуда, објасни Даневски.

Даневски: Луѓе од „Бетон – Штип“ ги зедоа најатрактивните делови

Комбинатот како некогашна успешна целина не постои.

-Интересното е што најпрофитабилните центри на ова АД завршија во рацете на „Бетон – Штип“ и луѓе поврзани со „Бетон – Штип“. Винарската визба отиде во рацете на „Езимит“ (сопственик е Зоранчо Митров, акционер во Бетон Штип), хотелот „Овче Поле“ кај Сашо Бошков (неизвршен директор на „Бетон – Штип“), 450 хектари лозови насади кај фирмата „Зегин“ а потоа кај некоја фирма за обезбедување, изјави Даневски.

Правниот субјект АД „Џумајлија“ и по 12 години и натаму е во стечајна постапка. Зошто толку долго трае стечајот, не дознавме. Успеавме да оствариме телефонски контакт со стечајната управничка Владица Ивановска, која вети дека ќе одговори на нашите прашања. Подоцна, во договорениот термин, не одговори на повикот. Се оглуши и на пораките.

Универзитетската професорка по економија Марија Зарезанкоска Потевска, коментирајќи ги ваквите случаи, вели дека коруптивните случаи со вмешување на моќни политичари направија претпртијатијата да се дадат на мал број на луѓе, кои што не знаееја да работат.

-Голем дел од тие луѓе сметаат дека го имаат, го поседуваат, дека не треба да го пработат понатаму. Настанаа низа негативни последици за луѓето што работат, беше многу тежок период. Факт е дека зад оваа приватизација стојат политичари, и тоа во најголем дел тие што се на врвот во политичката елита во врвот на приамидата и тешко е да се докаже дека има корупција, вклучувајќи и во приватизацијата. Судскиот систем е под силно влијание од политиката и затоа имаме долготрајни судења, имаме стечај кој трае повеќе од 10 години, што е нон сенс во една земја со развиена демократија. Тоа значи тивко умирање, уништување на општествениот капитал, на луѓето, на општественото добро, изјави Зарезанкоска Потевска.

Земјоделски комбинати имаше во сите поголеми градови во Македонија. За да се има претстава за какви стопанства зборуваме, треба да се каже дека ЗИК-овите беа робустни стопанства, со целовито поврзан синџир на производство, од семе, до финален продукт во малопродажба. Овие комбинати вработуваа по илјада, две, три илјади луѓе, во зависност од големината, со голем број на сезонци и кооперанти. ЗИК-овите управува со 20 отсто од земјишето, учестуваа со 13,3 отсто во Бруто домашниот производ и вработуваа 22 отсто од вработените во Македонија.(ДЗС податоци од 2003 година).

Како најголеми, по производство и број на враобтние беа ЗК “Пелагонија”- Битола, ЗИК “Куманово”-Куманово, ЗИК “Лозар”-Велес, АК”Тиквеш”- Кавадарци, ЗИК “Струмица”-Струмица, ЗИК “Винојуг” -Гевгелија, ЗИК “Црвена Ѕвезда” од Штип, кои со приватизацијата беа продени и распарчени по делови. Повеќето отидоа во стечај, пропаднаа или распрачени се продадоа само атрактивните делови.

Од некогашните гиганти, останаа само четири големи капацитети: ЗИК „Пелагонија“, „Агрија“, „Вардар Градско“ и „Везе Шари“, кои активно работат. Бројот на вработени е десткуван. Земјоделството во БДП учествува со околу 5 отсто.

“Џумајлија” од  Лозово се смета дека е првата поголема тогаш успешна приватизацијата во агрокомплексот, која почна  во 1996 година со откуп на акциите од страна на вработените.

Во случајот со пропаѓањето на „Џумајлија“, значи и сосема ново исцртување на цел регион и решавање на судбината на многу семејства. Градоначалникот на Општината Лозово, Ацо Велковски, кој е од помладите генерации, вели дека требаат години за општината  да заздрави.

– Општината има голема загуба, со години земјиштето не беше дадено на концесионери. Годинава тоа е завршено и конечно е дадена на концесионери, земјата поделена на транспарентен начин. Во Агрокомбинатот работеа многу работници од Лозово  околу 500  и од секоја куќа имаше по еден некаде и двајца. Сите работници беа напуштени, мораа да се иселуваат да си ја бараат егзистенцијата по другите градови, по странство, изјави Велковски.

Животот во Лозово, општина каде 70 отсто од жителите се земјоделци, полека е враќа. Зоран Даневски, од зад решетки се сеќава на како што вели, „на тоа кога работеше Џумајлија, колку насмеани луѓе имаше, затоа што земаа плата“. На прашањето дали гледа вина во себе, одговори потврдно.

-Гледам, затоа што не ја продадов фирмата и требаше малку криминално да постапам како другите бизнисмени, кои и ден денешен се движат низ Македонија, необвинети за ништо. Требаше да ја продадам и дел да однесам во странство. Да, гледам вина само кон моето семејство, кажа Даневски.

Го прашавме дали е богат човек, има ли сметки во странски банки и оф шор компании.

-Ако има, тоа лесно се докажува. Да имаше, ќе ги најдеа, ќе ги донесеа. Стојам на располагање, иако не ми се завршени сите судски процеси, спремен сум да ги најдат тие пари и да ги донесат. За ваша информација, немам ни викенд куќичка на страна. Сум немал потреба. Оти кога имаш пари во џебот, ќе отидеш во најскапиот хотел и ќе си платиш се’,  вели Зоран Даневски.

На патот од Велес кон Штип, на влезот во Општината Лозово, се’ уште стои резевата управна зграда на некогашниот агрокомбинат, опкружена со огромните зелени ниви засеани со жито, кои можеа да нахранат цела источна Македонија. Оваа пролет, конечно просторот е засеан, додека по македонските судови се’ уште се листа по некој заостанат предмет за некогашните сопственици.