„Ви се јавувам од Македонската развојна банка. Одобрен ви е кредитот, за кој ќе ви се јави нотар да потпишете нотарски акт“ – ова е содржината на кратката порака со која бизнисмените, кои бараат бескаматен кредит го добиле од Македонската развојна банка.
Нотарот што се јавува, е еден од петте што ексклузивно, на сметка на останатите свои 195 колеги го презема предметот и наплатува за нотарскиот акт. При тоа, за кредит од 300.000 денари, ноатарот наплатува дури 5.500 денари.
-Ова е грабеж, реагираше бизнисмен, која сакаше да остане анонимен.
Иако бизнисменот не е од Скопје, бил принуден да отпатува во главниот град, да ја однесе целкупната барана документација, да потпише кај нотар и нормално да си плати. За кредит од 925.000 денари, нотарот наплатил 12.000 денари. И наспроти праксата за тој износ нотарот сами да си ги собира документите, а стрнката само да поптише, во овј случај бизнисменот си платил сам и на рака му ги однел документите. Нотарот за тој износ, требало да наплати 450 денари и дополнителни 1050 денари нотарска награда.
Членот на Управниот одбор на Нотарската комора, Насер Зибери е запознат со случајот. Вели дека веднаш штом добиле информација дека кредитобарателите се препраќаат на петмина нотари, веднаш било реагирано до Македонската развојна банка. Од таму им било кажано дека ќе ја сменат практиката.
-Постојано исто се случува. Неколкумина нотари успеваат да се наметнат кај банките, владините инситуции и на други места и ја преземаат работата на сите. Нотарските акти се потпишуваат секаде низ градовите каде има нотари. Не мора да се патува во Скопје за да се потпише нотарски акт. А што ќе работат другите наши колеги, ако само мала група на луѓе ја преземат работата кај себе?!, прашува Зибери.
Но, се чини, проблемот со петте нотари не е решен. Нотарската комора реагирала на 15-ти април, додека фактурата на еден од петтемина избрани нотари, е од 28-ми. Што значи, практиката на привилигирани нотари продолжила и понатаму.
Останува неизвесно, дали освен избрнаните нотари, во оваа здравствено – економска криза се јавуваат други профитери „по службена должност“. И дали на сметка на бизнисите и нивните вработени, на кои им е нужна помош во овие тешки времиња за работење, некој друг си го полни џебот. На потег се институциите.