Пет милиони луѓе ќе останат без работа во автомобилската индустрија – ММС
ММС

Објавено на: 04/27/20 10:09 PM

Пет милиони луѓе ќе останат без работа во автомобилската индустрија

Производството на автомобили оваа година би можело да се намали за 20 проценти. Поради пандемијата ќе бидат направени само 71 милион патнички автомобили во светот, но повеќе загрижува податокот дека околу пет милиони работници ќе останат без работа.

Кризата се поклопи и со технолошката револуција  и преодот кон електрични возила, кои бараат многу помалку работници. Работниците, кои со години произведуваа мотори во фабриките за автомобили ќе добијат опремнина или ќе бидат прогласени за вишок. Аналитичарите велат дека нив ќе ги заменат со многу помалку работници од друг профил за производство на електро-возила, пренесува РТС.

Најмногу работни места ќе бидат укинати во Европа, особено во Германија. Помал број на работници, значи и помал број на менаџери, бидејки трошоците мора да се сведат на минимум.

„Почнуваме со нова ера во автомобилизмот, а ќе има и отпуштање на работници. Обезбедивме богати опремнини за нив, со кои и синдикатот и работниците ќе бидат задоволни, бидејќи ќе можат да покренат сопствен бизнис“, рекол Олега Калеус од „Дајмлер“.

Поголем дел од производителите на автомобили го сопре производството за најмалку еден месец, што на крајот на годината би било 19 милиони возила помалку од што е планирано.

Поради вирусот се очекува значајно да се намали продажбата во април, како во Америка така и во Европа, бидејќи опоравувањето од пандемијата ќе биде споро.

„Некој баланс очекуваме да воспоставиме кон крајот на годината. Ако падот на продажбата на нафтените деривати  е за 50 проценти, тоа е добар показател дека пазарот за 2020 година ќе биде помал за 40 или 50 проценти, а тоа е голем удар, кој може да се поднесе само со рационализација“,  рекол Калеус.

Кина почна со производство на автомобили, поради што се очекува дека падот на нивната продажба ќе биде помал од светскиот просек и ќе изнесува околу 12 проценти. Некои од стручњаците за авто-индустрија сметаат дека големите региони се влезени во економска рецесија и дека брзото опоравување веќе не е реално.

Фото: tportal.hr