Димитриевски и Стојановски со реацкии за извештајот на ДСЗИ – ММС
ММС

Објавено на: 04/27/20 10:23 AM

Димитриевски и Стојановски со реацкии за извештајот на ДСЗИ

Пандемијата од Ковид19 во светот не стивнува, но паралелно со неа во Куманово не стивнуваат реакциите на Општинскиот штаб за заштита и спасување кон централните власти.

Откако вчера на прес конференција директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Иринка Сотирова-Бухова го презентираше извештајот од вонредниот надзор во Куманово, со отворено писмо до неа се обрати првиот човек на Регионалниот центар за управување со кризи Горан Стојановски.

Како што пишува тој во отвореното писмо, самиот имал низа здравствени проблеми, а за своето напуштање на изолацијата со цел да се тестира во приватна болница вели дека претходно се најавил на 192.

Матичниот лекар на Стојановски самиот му креирал протокол преку „Мој термин“ за да може да реагира во состојба кога неговото здравје е загрозено, бидејќи првиот човек на кумановскиот ЦУК не бил заведен во базата Ковид 19 асимтпоматично позитивни.

– Директорке Сотирова-Бухова јас знам дека така морате да го срочите сето тоа што го кажавте, но дозволете ми да Ви укажам дека Вие во моментот на пресот направивте неколку грешки свесно или несвесно: ме пресудивте без суд; Ми одредивте казна, повторно без суд.Не ми дозволивте да кажам нит одбрана нит завршни зборови, стои во писмото на Стојановски.

Вчера Сотирова Бухова на прес конференцијата со министерот за здравство Венко Филипче истакна дека Стојановски и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски направиле прекршок со тоа што го напуштиле домот за што ќе бидат казнети со 300 до 600 евра парична казна.

Во меѓувреме вчера реагираше и самиот Димитриевски, кој вели дека случајот е монтиран и дека не е време за лов на вештерки, туку за справување со пандемијата.

Најави дека ќе ги преземе сите можни средсрва кои му стојат на располагање со закон со цел да се разјасни ситуацијата во целост.

И Димитриевски и Стојановски изразија надеж дека во позадината на целиот случај не се политички игри.

Освен прекршоци констатирани за Димитриевски и Стојановски, Државниот санитарен и здравствен инспекторат пропусти утврдил и кај Итната медицинска помош која ги транспортирала и кај епидемиологот од Центарот за јавно здравје Куманово, здравствен работник кој работи со децении и има многу кризи зад себе, бидејќи не побарала дозвола од министерот за скрининг на Општинскиот штаб и брисевите им ги зела во просториите на општината.