Велешанката Александра Скорниева(29), која беше пронајдена жива во провалија, откако претходно беше пријавенаа за исчезната е префрлена на Клиниката „Мајка Тереза“ во Скопје.
Од ЈЗУ Општа болница во Велес, таа е во стабилна и вон животна опасност, но по направената компјутерска томографија доцна попладнето биле констатирани повеќе скршеници на телото – политрауматски повреди: скршеница на вратни прешлени, на клучна коска и на карлица и затоа тимот на лекари од Хирушкото одделение донел одлука попладнево во 17,30 часот со возило на Итна помош од велешката болница девојката да биде пренесена на понатамошно лекување во Клиниката за трауматологија во Скопје.
Александра Скорниева исчезна вчера, кога во 8:15 минути го напуштила својот дом, а за нејзиното исчезнување алармираше нејзината сестра преку Фејсбук. Граѓани кои самоиницијативно организирале групи за потрага на исчезнатата Скорниева ја пронашле утрово во провалија под мостот на браната на велешкото езеро Младост.
Прва ја забележала велешанка која била дел од потрагата.
„Околу 9:30 утрово стигнавме со џип пред мостот на езерото и јас излегов од возилото. Тргнав да се движам по мостот пеш и од провалијата слушнав тивки повици за помош. Се наведнав, но од бујното зеленило, не можев да забележам од каде доаѓаат повиците. Викнав, а девојчето рече дека ќе ги заниша гранките за да можам да забележам каде е. Беше во седечка положба. Ја прашав дали се вика Александра и таа ми потврди. Ми рече дека не ги чувствувала нозете и разете, но не знае дали и е тоа од повреда или од студот, бидејќи ноќта била ладна. Потоа се јавивме во полиција, а до моментот додека полицијата пристигна, во оние 15 до 20 минути, цело време разговаравме со девојката. Кога полицијата стигна, почна акцијата за нејзино извлекување од провалијата. Така, на олеснување на сите нас, заврши овој настан“, раскажува велешанката која прва ја забележала Александра Скориева.
Полицијата ја истражува причината како Александра се нашла во провалијата.