Дрекслмајер не планира масовно отпуштање на работници и покрај последиците од корона кризата – ММС
ММС

Објавено на: 04/23/20 1:34 PM

Дрекслмајер не планира масовно отпуштање на работници и покрај последиците од корона кризата

Еден од најголемите работодавачи во земјава и во Тиквешијата, германската компанија „Дрекслмајер“  официјално потврдува дека испуштањето на работници не е опција и се правеле  напори повторно да се врати работењето по старите патеки.

„Кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот има огромно влијание на нашата компанија, а од самиот почеток, здравјето на нашите вработени е наш главен приоритет. Оваа специфична состојба секако има и сериозни економски ефекти врз целата индустријата, нашите клиенти, а со тоа и врз нас како добавувач. Како компанија што испорачува во точно одредено време и во одредена секвенца, ние во потполност зависиме од нашите клиенти. Во време кога нарачките од клиентите се стопирани, мораме и ние да го запреме нашето производство. Веднаш штом клиентите ги рестартираат своите капацитети, подготвени сме за нов почеток“ велат во писменото обраќање од „Дрекслмајер“.

Од таму информираат дека иако речиси е запрено нивното производството и компанијата не остварува приходи, се соочуваат со огромни трошоци, кои биле исти како и при редовното работење.

„И во овие услови компанијата ги исплаќа платите на сите наши вработени, иако најголем дел од нив во моментот не работат. Се обидуваме да ги осигураме работните места на нашите вработени преку различни модели на компензација. Како семејна компанија со високи социјални стандарди, масовно отпуштања на вработените не е опција, надвор од вообичаената месечна флуктуација и регуларниот селективен процес во однос на компаниското работење. “ велат од „Дрекслмајер“ и додаваат дека се правеле  напори за заштеди во повеќе  области од работењето,  сѐ со цел да се премости овој критичен период и да се осигураат илјадници работни места на долг рок.

Ангел Данов